Oд средовековни друштвени игри, преку сложувалки до витешки турнири, тековна изложба во центарот Гети во Лос Анѓелес (16 мај-6 август) ја истражува разонодата во средниот век.
Таа вклучува илустрирани ракописи од колекцијата на музејот кои откриваат дека играта била вткаена во секојдневниот живот во сите општествени слоеви. Духовното и световното се мешаат на страници на француски ракопис од 14 век, каде е истовремено претставена Богородица и двајца мажи кои играат некој вид боречка игра со мајмуни на нивните раменици.
Наспроти стереотипното мислење дека средниот век бил мрачен и досаден, изложбата покажува дека игрите и начините на разонода во овој период во Европа биле разновидни и им овозможувале на луѓето да научат вештини, да се социјализираат и натпреваруваат, да воспоставуваат социјални хиерархии или едноставно да им биде убаво. Предметите датираат од околу 1240-1570, а вклучуваат детски игри, сложувалки, костуми за маскирање и друштвени игри за возрасни, како „дама“.
Изложбата е интерактивна, овозможувајќи ѝ на публиката да учествува во семејни фестивали и симулации на некои од игрите.