Го знаете оној специфичен звук на автомобилската врата, за којшто сте подготвени и неколку пати да ја трескате додека не го слушнете. Епа излегува дека тој е дело на стручњаци кои не се занимаваат толку со безбедноста на затворените врати, туку со психологијата зад звукот. Или со - психоакустика.
Производителите имаат огромен интерес да разберат како функционира човечкиот мозок за да го манипулираат. А еден од начините е со нагодување на звуците, оние во кафани (за да се пие повеќе), или оние на типките на телефоните (за тие да сигнализираат завршена операција, но и да не нервираат).
И ова е некако разбирливо и очекувано. Она што изненадува е кога ќе се сфати дека психоакустиката се користи и на други места, на пример во автомобилската индустрија. Кога станува збор за коли, вообичаено се мисли дека она што одлучува при купување и проценка на квалитет е звукот на моторот. Но во последните десетина години, она во што многу се вложува од страна на производителите е токму звукот на вратите. Со зголемувањето на безбедносните мерки кои треба да се исполнат од нивна страна, почнуваат да се додаваат дополнителни делови во страничните врати, што директно влијае и врз нивниот звук. Кога купувачот ќе го слушне звукот во салон тој потсвесно додава (или одзема) вредност.
Џонатан Бергер, професор по музика во центарот за компјутерско истражување во областа на музиката и акустиката на Стенфорд, опишува експеримент што го раководел, во кој на луѓето им се пуштани осум различни звуци на автомобилски врати, преку кои требало да ги подредат колите од најевтини до најскапи. Претпоставката била дека нискофрекфентен „туп“ со кратко траење и без „опашка“ би бил перцепиран како возило од највисока класа, односно дека мек, низок звук при купување кола делува по „фенси“ отколку високофрекфентен.
Но на негово изненадување тезата не се покажала точна. Звукот со највисока перцепирана вредност бил оној кој укажува дека нешто е добро затворено (пример - „кер-чанг!“). Ова е „погуст“ звук, кој го опфаќа не само затворањето туку и нешто што се слуша потоа. Оној квалитетниот притоа не е резултат на тежина, туку на оптимален акустичен дизајн на структурата на вратата, на она што го има вградено во неа.
Со други зборови, овој звук е целосно „произведен“, односно местен. Секој бренд има свои звучни инженери кои користат специфични комбинации на меки материјали како пена или душечиња и ги аплицираат на метални површини за да апсорбираат или да блокираат несакана врева и да создадат уникатен звук. Истото се прави и со механизмот на заклучување за да даде вистински тип на „клик“. Без ова затворањето на вратата „природно“ би звучело само како две метални површини кои се судираат.
Дали кога веќе го знаеме ова нешто би се променило кога би купувале нова кола? Најверојатно не, затоа што психолошките механизми кои учествуват во донесувањето на одлуката сепак се пресилни за да изброиме куп пари за кола чии врати ни ги гребат ушите.