Многумина кои ги следат актуелните политички настани можеби ќе признаат дека тоа не го прават од ќеиф, туку затоа што така се чувствуваат информирано и така си создаваат некакво чувство на контрола, ако не врз големата слика, а тогаш барем врз влијанието на политиката врз нивните животи. Во поразвиени демократии, да се биде информиран е и форма на граѓанска должност, чие исполнување доведува и до донесување порационални гласачки одлуки.
Ејтан Херш е професор по политички науки на Универзитетот Тафтс. Во неговата книга „Политиката е за моќ“ (2020) тој тврди дека начинот на кој повеќето луѓе „следат“ политика повеќе личи на хоби отколку на процес на здобивање граѓанска моќ, преку развивање вештини но и лобирање за идеите за кои сметаме дека се добри и исправни.
Што е проблемот со следење на политиката, особено на локалната, како спортски фан, навивајќи за својот клуб? Напливот на адреналин и емоционалното задоволство кое се доживува при победите се вредна награда, но на долги стази тоа се свртува против самите „навивачи“, затоа што тие моменти се краткотрајни и не култивираат одредена вештина или моќ. Луѓето можеби навистина се секираат и се чувствуваат излажано кога политиката не се одвива онака како што тие сакаат. И обратно, чувствуваат радост кога тоа е така. Но притоа тие се само набљудувачи кои не придонеле ниту за едното ниту за другото. Тие само ги СЛЕДАТ вестите, бесконечниот тек на настани и информации, без да влијаат врз нивниот тек.
Ваквите луѓе Херш ги нарекува „хобисти“, затоа што нивниот профил и однесување се вклопува во она што го прават луѓе кои се занимаваат со нешто во слободното време, сами или со истомисленици околу себе, со кои споделуваат информации, оговараат, организираат настани за дружење. Но притоа никој не сака да убеди некого во исправноста на одреден став кој би можел да направи подлабока промена во заедницата, ниту внатре во групата, а уште помалку вон неа. Кога навивач на некој клуб се обидел да „преобрати“ друг? - тие меѓусебно во најдобар случај можат да се толерираат, но во најлош да се навредуваат па дури и физички да се напаѓаат. Никој не е мотивиран од тоа да ја сфати „вистината“ за другиот клуб, бидејќи неговиот ангажман е базиран на емоција.
Уште една последица од интересирањето за политика на ниво на забава e што луѓето често се мотивирани да гласаат или активно да учествуваат само кога е во прашање славна личност. Одредена старосна група гласачи (на пример студенти и млади) може да бидат повлечени од некој што делува „кул“ и ветува дека ќе ги застапува нивните интереси. Но кога тој или таа ќе отпаднат од трката тогаш интересот одеднаш спласнува и целиот ангажман околу истите тие цели отпаѓа.
Истражувањето на Херш покажува и нешто контраинтуитивно - речиси половината од потврдените негласачи - оние за кои јавно достапните информации покажуваат дека никогаш не гласале - лажат дека го сториле тоа. Мнозинството од нив се факултетски образовани, интелектуалци. Зошто лажат? Можеби поради чувство на вина. Зошто пак не гласаат? Можеби затоа што се чувствуваат „над“ ситуацијата и сметаат дека тоа што ги „следат“ вестите и лобираат преку медиумите и социјалните мрежи е доволно.
Секако, во одлуката дали некој само ќе фаќа сеир или ќе учествува играат улога и други елементи, кои се разликуваат од контекст до контекст. Херш пишува за САД, каде историјата покажала дека и мали иницијативи можат, барем на локално ниво, да направат разлика. Во пасивноста на нашите гласачи веројатно би имале улога и други нешта, како на пример резигнираноста од тоа дека хоби-не хоби, резултатот од ангажманот е отприлика ист.