Голем број експерти веруваат дека се наоѓаме во некаков критичен момент во човечката историја, време кое бара радикална промена на начинот на мислење и креирање политики. Повици за храбри потези се слушаат на сите страни, особено во медиумите и на социјалните мрежи. Нo кој е всушност најдобриот начин светот да стане подобро место за живеење?
Револуционерите немаат дилема - за нив нештата треба да се случат без одложување, промените треба да бидат коренити, не со чекори туку со скокови. Промоторите на постепени промени тешко дека би можеле да измислат добар борбен повик. Ниту една толпа не паднала во занес извикувајќи: „Што сакаме? Постепени реформи! Кога го сакаме тоа? Кога ќе дозволат условите!“.
Во нова книга под наслов „Постепено“ (Gradual) авторите Грег Берман и Обри Фокс покажуваат дека „инкрементализмот“ („постепенизмот“) сепак функционира. Револуциите ветуваат рај но често предизвикуваат крвопролевање, глад и кршење на правата и слободите. Човештвото просперирало многу повеќе со правење долга серија скромни подобрувања во однос на незадоволителното статус кво. Индустриската револуција, и покрај своето име, не била единствен, ненадеен настан, туку илјадници кумулативни пронајдоци кои се случиле во период од речиси еден век.
Точно е дека радикални промени се понекогаш неопходни, на пример оние кои морале да се случат кога требало да се укине ропството. Но во други околности попретпазлив пристап е пофикасен, затоа што „градуалистите знаат колку малку знаат“. Секој кој се труди да разбере некој голем проблем сигурно може да испушти некоја суштинска информација. Грешки се неизбежни. Ако се оди покроце, тие можат полесно да се поправат. Новите идеи можат да бидат тестирани, проценети и потоа применети.
Инкрементализмот може да изгледа бавен, но помалку радикалните промени можат да бидат прифатени со консензус од целиот политички спектар, па со тоа веројатноста тие да провоцираат негативни реакции и да бидат запрени е помала. Далеку од тоа да промовираат статус кво, авторите повикуваат на постепени, но постојани промени, кои се прават од херои кои работат на долги стази, тивко-полека.