Волтер Дуранти бил англо-американски новинар, шеф на московската редакција на Њујорк Тајмс во периодот 1922-1936. Во 1932 ја добил Пулицеровата награда за серија извештаи за СССР, од кои 11 биле објавени во јуни 1931.
Но тие репортажи го славеле Сталин и неговата политика на „колективизација“, која довела до смрт на милиони Украинци и на повеќе од милион Руси. Eден од резултатите бил и „холодомор“ - големиот глад, кој денес е признаен како геноцид, односно демографска катастрофа причинета од човек, без преседан во мирно време (на оваа тема претходно тука).
Но за ваквите трагедии во статиите на Дуранти немало ни збор. Тој сметал дека жителите на тогашен СССР имаат „азијатски“ менталитет, за кого е потребна автократска власт. Оттаму, бруталноста на сталинизмот според него бил оправдана, како и неговата „империјална“ и „автентично руска“ диктатура.
Поради сето ова уште во 1990-тите почнува јавна дебата, а во 2003 и конкретна истрага за потенцијално повлекување на наградата на Дуранти, кој додуша починал во 1957 и веќе му било сеедно. Но комисијата што го разгледувала случајот заклучила дека иако репортажите по денешни стандарди не се на ниво коешто би се очекувало, особено за да бидат толку високо вреднувани, сепак немало убедливи докази за намерна измама, за што тој всушност се товарел. „Одземање на награда 71 година откако таа била доделена, под поинакви околности, кога сите засегнати се мртви и не се во можност да одговорат на обвинувањата, не е соодветно“, заклучиле од Пулицеровата комисија.
Ова не е прв пат Њујорк Тајмс да се соочува со контроверзи поврзани со Пулицеровата. Но во друг случај се има поставено во поактивна улога - кога во 2020 самиот весник побара од Пулицеровиот борд да го одземе признанието на „Калифат“, подкаст серија за која се покажа дека е главно базирана на измама. Бордот го стори тоа, а весникот ја врати и наградата Пибоди за истата.