Со векови селаните од Конгтонг во Индија користат мелодии за своите имиња. Им ги смислуваат мајките, една недела по раѓањето.
Станува збор за народот Каси, кој живее во суптропските џунгли во индиската држава Мегалаја, позната по мостовите кои се плетат од корења на дрвја. Конгтон се состои од 130 домаќинства, и иако територијата не е голема, тие често заоѓаат во џунглата, особено мажите за лов. Оттаму, било потребно да се изнајде начин за комуникација и довикување за кое ќе се знае кому му е наменето.
Денес никој не знае како почнала оваа традиција, но има луѓе, како локалната сопственичка на пиљара, која ги знае мелодиските имиња на околу 500 од вкупно 700-те жители. Селаните си ги паметат музичките имиња и кога ќе најдат работа и ќе се преселат во блиските градови, иако таму не ги користат.
Конгтонг, како и други региони во близина каде што живее народот Каси, следи матрилинеарна традиција. Тоа значи дека доминантни се жените, односно мајките. Децата го добиваат презимето од нив, а имотот го наследува најмалата ќерка во семејството. Таа никогаш не го напушта домот и станува глава на семејството. Врската мајка-дете го одредува членството во кланот. Во истата традиција спаѓа и „џингрваи иавбеи“, или „песна на мајката“, името кое таа му го дава на детето компонирајќи го.
Секако, жителите имаат и пишувани имиња кои се регистрираат при раѓањето, меѓу кои и некои меѓународни, на фудбалери или познати актери. Но тие ретко го кажуваат на глас, бидејќи сметаат дека на тој начин нема да привлечат уроци. Мелодиските имиња денес се користи и како туристичка атракција.
За да го слушнете довикувањето, аудио емисијата на Атлас Обскура: