Како животински вид, луѓето го имаат удвоено својот животен век во само сто години. Сите напредоци во областа на медицината, јавното здравје, стандардот на живеење, ни имаат обезбедено во просек по дополнителни 20.000 денови живот. Нема поневеројатна мерка на човечкиот прогрес од нашата продолжена долговечност.
Книгата на Стивен Џонсон, „Екстра живот: кратка историја на живеењето подолго“, која излезе на 11 мај оваа година, е обид да се разбере од каде произлегува овој прогрес. Дали од вакцините, од намалувањето на гладот, на возачките ремени? Позади секој напредок всушност стои инспиративна приказна за иновација која произлегла од соработки на брилијантни мислители потпомогнати од системи на јавна поддршка.
На денот на излегувањето на книгата, во Њујорк Тајмс излезе текст - осврт и истовремено поддршка - од славниот Стивен Пинкер, кој е исто така познат по својот став дека времињата во коишто живееме, без оглед колку ни изгледаат катастрофични, се всушност многу поповолни за човечката благосостојба од оние во минатото.
Пред само неколку векови, повеќе од четвртина од децата умирале пред својот прв роденден, а околу половина пред да наполнат пет. Човечкиот животен век почнува да се зголемува рапидно во втората половина на 19 век, давајќи им на луѓето не само дополнително време, туку цел екстра живот. Во богатите земји, просечниот животен век бил 40 во 1880-та, 50 во 1900-та, 60 во 1930-та, 70 во 1960 и 80 во 2010-та. Остатокот од светот почнува исто така да го продолжува животот - глобално во 2019 во просек се очекувало човек да живее 72,6 години, повеќе отколку во било која земја, без оглед дали е сиромашна или богата, во 1950. Луѓето во земјите со најкраток животен век денес во просек ќе ги надживеат припадниците на генерацијата на нашите баби и дедовци.
Некако излегува дека барем во смисла на должина на живот сме прилично неблагодарни, кон еден куп пронајдоци, од антибиотици, трансфузии на крв, пастеризација, вештачки ѓубрива до вакцини. Голем дел од нив денес се прогласени за „грешни“ или „неприродни“, дури и „демонски. Но токму ним, како и на некои нешта кои вообичаено не се на списокот на големи изуми (како автомобилските безбедносни ремени) всушност им ги должиме нашите екстра денови.
Тоа сепак не се само предмети туку и идеи, кои фатиле корен не само поради еден генијален човек, туку поради цела мрежа на луѓе кои го овозможиле материјализирањето на пронајдокот, неговото популаризирање и примена. Сите тие овозможуваат, според Пинкер, „продолжување на скапоцениот дар на свесноста, со сите нејзини моменти на задоволство и просветлување“.