Пред 16 години Бостон Глоуб објавил статија за човек кој изгледал како бездомник, а кој постојано стоел на плоштадот во центарот на Бостонскиот универзитет и хранел гулаби. На сликата со која е илустриран текстот има силуета во долг капут и голема црна шапка. Ги минувал деновите зборувајќи со птиците, на кои им имал дадено и имиња: Чекерс, Винтгип и Спеклс. И ова би бил уште еден од оние текстови кои потсетуваат како општеството не успева да се справи со менталните болести на своите членови, доколку човекот што зборувал со гулабите всушност не бил Џон Кид, некогаш најдобриот познавач на Џојс на светот.
Кид бил директор на Истражувачкиот центар Џејмс Џојс чии канцеларии се наоѓале токму на бостонскиот универзитет. Таму водел тим кој бил посветен на една единствена цел: да произведе совршено издание на текстот. За него самиот автор има кажано дека е полн со гатанки и сложувалки - фрактални спомени и опсервации кои навидум хаотично врват низ главата на главниот лик, Леополд Блум - толку комплицирани што романот би можел да им биде занимација на различни истражувачи со векови. Токму спојувањето на сите тие делови и ве држи (ако ве држи) до крајот на книгата - надежта дека на крајот конечно сè ќе добие некаква смисла.
А не добива. Дали Кид толку навлегол во книгата што настрадал од книжевно лудило? Ова е тешко да се каже, бидејќи по спомнатиот текст во Глоуб, тој едноставно исчезнал, и во последниве десет години никој немал чуено за него.
Новинар на Њујорк Тајмс, кој одамна го имал контактирано Кид, одлучува да го пронајде. Почнал со пребарување на засолништата за бездомници во Бруклин, па контактирање на неговите некогашни колеги, за да заврши на различни форуми каде се спомнува неговата тажна судбина, со заклучок дека тој е најверојатно умрен, и тоа „во долгови, навреден, понижен, само, напуштен од сите“.
Така наводно завршил животот на човекот кој три свои тинејџерски денови ги минал читајќи го целиот „Улис“, а потоа продолжил со посета на неговиот гроб во Цирих, купување на секое познато и помалку познато издание и споредување на секоја страница. Но ова не го споил со некакво формално образование од областа на книжевноста, туку станал самоук истражувач, кој паралелно со оние другите, етаблираните и државно или поинаку спонзорираните, се обидел на свој начин да придонесе во „корегирањето“ на над 5000 грешки во текстот, проект во кои не успеале многумина, и негови претходници и современици.
Еден од нив, Германецот Ханс Валтер Габлер, влегол во вистинска војна со Кид. Стариот свет наспроти новиот, познат професор наспроти самоук, овој конфликт долго време бил извор на преписки објавувани во Њујорк ривју оф букс почнувајќи од јануари 1988. Прв почнал Кид со неговите забелешки на изданието „Улис: корегираниот текст“, произведено од европскиот тим на Габлер. Кид му нашол грешка уште во првата третина од текстот, во име на човек од Даблин кој навистина постоел, Х. Трифт, кого Габлер го корегирал во Х. Шрифт. Ова за познавачите на делото на Џојс не било банална работа, со оглед на тоа што самиот автор тврдел дека ако Даблин еден ден исчезне од лицето на земјата може да биде реконструиран од неговата книга. Па ако некој не проверил кој бил Трифт, и дека тој навистина живеел во Даблин во 1904, тогаш што останува со останатите детали?
Кид не пропуштал прилика да се соочи со Габлер на сите можни симпозиуми и средби на познавачите на Џојс. Во меѓувреме било откриено и дека мотивите на вториов за „корекциите“ не биле само книжевни, туку дека внукот на Џојс го авторизирал ова издание заради создавање „нова“ содржина која би го продолжила авторското право над книгата, кое во Европа истекувало во 1992. Обновувањето на правата би ги обезбедиле неговите приходи за следните неколку децении, што не е малку со оглед на продажбата на во просек 100.000 примероци од книгата годишно.
Сето ова довело до ситуација Кид да стане супер-ѕвезда, и на тоа име на располагање му бил ставен цел институт на Бостонскиот универзитет. Добил задача да го направи „совршено“ електронско издание на „Улис“ со хиперлинкови, коментари и објаснувања, и хонорар за истото од 350.000 долари. Светот го очекувал ова издание. А потоа го заборавил.
Со голема упорност но и среќа, нешто како во документарецот „Барајќи го Шугармен“, новинарот на Тајмс успева да го лоцира Кид во - Бразил. Со снежно бела коса „длабоко во територијата на Гандалф“, тој денес носи хавајски кошули, апостолки и бермуди и има брз чекор, нетипично за некој за кого долго време се тврди дека е мртов. Уште е лут на колегите и целата атмосфера која се создала околу неговото присуство на Универзитетот во Бостон. Едноставно му се смачило и еден ден тргнал за - Кина. Повторно се посветил на проучување на само една книга, „Сонот на црвената соба“, големиот епски роман, а потоа се преселил во Бразил, научил португалски и се опседнал со „Робинката Изаура“, книгата од 19 век за крајот на ропството во Бразил. Неговата желба да ги разбере културите преку една од нивните големи книги уште не е згасната. И по толку години тој се уште раскажува за сите детали од расправијата со Габлер, но истовремено има енциклопедиско знаење и волја да споредува различни изданија од важни книги во потрага по совршениот текст.
Денес работи на првото англиско издание на романот „Робинката Изаура“ а за таа цел има направено свој речник на англискиот јазик од 19 век (за хронолошки да одговара на јазикот од книгата), кој во моментов има 3000 страници. Негова цел е преведувајќи да ги употреби сите зборови содржани во него. На тој начин романот ќе стане речник, а речникот роман. Токму како што планирал со „Улис“.