
Извесен Виктор Шара од Тенеси, цел живот имал совршен вид. Но, еден ден во ноември 2020 година, одеднаш забележал дека лицата на луѓето околу него изгледаат демонски – со извиткани уши, носеви и усти, и со длабоки лузни по лицата.
Прво помислил дека живее во „свет на демони“, но наскоро дознал дека има исклучително ретко нарушување на видот наречено просопометаморфопсија (ПМО). Оваа состојба предизвикува лицата да се појавуваат изобличени во форма, големина или боја. Кај него, изобличувањата се јавуваат само кога гледа луѓе во живо – не на фотографии или на екран.
Научници од Универзитетот во Дартмут, Велика Британија, ја искористиле оваа ретка можност да создадат дигитална визуализација на тоа што гледа Шара, а целата студија за неговиот случај е објавен во стручното списание The Lancet. Tие софтверски обработиле фотографии според неговите описи за да ги добијат извитоперените лица, кои се прво вакво симулирано визуелизирање на она што гледа пациент со ваков синдром.
ПMO обично трае неколку дена или недели, но кај некои луѓе – со години. Кај Шара симптомите со текот на времето не исчезнуваат. Досега има помалку од 100 опишани случаи во светот. Причината сè уште не е целосно разбрана, но често е поврзана со повреди на мозок, мозочен удар, епилепсија или мигрена. Кај него, лекарите гледаат две можни причини: труење со јаглерод моноксид неколку месеци пред симптомите и тешка повреда на главата години која му се случила претходно.
Истражувачите откриле дека симптомите се многу различни од човек до човек – некои гледаат „развлечени“ или двојни лица, други „вештерски“ со долги носеви и остри уши. Една жена, на пример, гледала движење само на едната половина од лицето.
Проблемот е што многу лекари не се запознаени со ПМО и често погрешно ги дијагностицираат пациентите како да имаат психички нарушувања, па им препишуваат несоодветни лекови. Разликата е што луѓето со оваа дијагноза знаат дека нешто не е во ред со нивниот вид, но не веруваат дека светот навистина е изобличен.
Шара научил да се справува: живее со цимерка и со нејзините деца, што му олеснува да се навикне на присуството на луѓе. Открил и дека зелената светлина ги ублажува симптомите, па понекогаш носи очила со зелени стакла. Тој денес сака да ја подигне свеста за ова нарушување и да им помогне на други да не завршат хоспитализирани или на несоодветна терапија. „Ако можам да спасам некого од траумата низ која поминав, тоа е мојата главна цел“, вели тој.