„Спелинг би“ е годишен натпревар во спелување за деца од основно училиште, кои според пропозициите не смеат да бидат постари од 14 години. Тие најпрвин треба да победат во регионален натпревар а потоа се квалификуваат за националниот. Оваа година се одржа 92-рото по ред такво, национално натпреварување, кое заврши со најнеобичниот резултат до сега.
Од првичните 562 учесници, по напорни 20 рунди, осуммина ја добија титулата ко-шампиони. До сега се случило двајца да го поделат тронот, но не и тоа да снема зборови од списокот заради големиот број финалисти. Според аналитичарите (и да, ова е тема за детална социолошка, лингвистичка и гео-политичка анализа на американските медиуми), има неколку причини зошто дошло до ова. Најпрвин, подготвителните методи во последниве години стануваат сè пософистицирани. Повеќето деца имаат лични тренери, а постојат и голем број прирачници, како на пример „Зборови на мудрост: клуч на успехот во натпреварот Скрипс нешнл спелинг би“ на Скот Ремер, кој до сега има пет изданија. Авторот на оваа книга како фактор на успехот го посочува и компјутерскиот софтвер SpellPundit од 2018, кој ги обучува децата врз основа на претходни натпревари. Него го користеле шест од осумте овогодишни ко-шампиони.
И покрај тоа што генералната јавност смета поинаку, уште еден факто за победата на учениците против речникот е што зборовите од последната рунда биле „прелесни“. Еден од нив bougainvillea (бугенвилија), ползечко растение со убави цветови кое успева и кај нас, како и pendeloque, крушковидна форма на дијаманти и други скапоцени камења, биле користени и во претходни изданија на натпреварот, а имаат и прилично јасен корен. За разлика од нив некои научни термини, на пример ботанички видови, тешко е да се погодат доколку не се знаат како такви (на пример растението hieracium, термин кој се паднал на натпреварот, во чиј корен е грчкото hierax или сокол, па оттаму и алтернативното име соколова трева). Уметноста на спелувањето не е само во меморирањето на зборови, туку во способноста тие да се деконструираат врз основа на звукот и јазикот од кој потекнуваат. Ова второво очигледно го совладуваат сè поголем број млади учесници.
Она што е исто така интересно, е што оваа година седум од победниците се со индијско потекло, исто како и 25 од 50-те финалисти. Американци со јужно-азиско потекло влегувале во финалето во последниве 12 години. За имигрантските семејства, особено за индиските, ова е прашање на престиж и симбол на добро образование на нивните деца. Освен тоа, индиската култура има развиено 15 детални мнемонички средства кои овозможиле речиси совршено усно пренесување на индиските свети текстови како „Махабхарата“. Можеби токму тие придонеле за одличниот скор на овие деца. Доколку успееме да ги дознаеме и да ги примениме кај нас, можеби и нашите, и возрасни и децата, би научиле коректно да го спелуваат „незнам“.