Да речеме дека сте добиле мејл (или порака на ФБ) со следнава содржина. На која најрадо би одговориле?
1. Еј, помислив на тебе. Сакаш на пица?
2. Еј, дефинитивно би сакал/а да се видиме следната недела. Си за пица?
3. Еј, би било супер да се видиме и да промуабетиме. Сакаш да одиме на пица?
4. Еј! Би било апсолутно прекрасно да те видам! Сакаш на пица? Ептен сум возбуден/а!
Најчесто бираниот одговор е - вториот. Тој по сè изгледа спаѓа во најсоодветната зона на тоналитетот за преписки, не премногу позитивен, не премногу негативен, ниту пак флегматичен. Тон ко што треба. Така барем вели нова анализа на сервисот за ефикасност на електронски пораки (да, постои такво нешто) Бумеранг. Компанијата дошла до ова со анализа на податоци од повеќе од 5,3 милиони пораки, а целта била да се дознае кои се оние квалитети на електронската порака кои ја зголемуваат веројатноста за одговор.
Пораката бр. 1, на пример, е пренеутрална. Третата е подобра од првата, но не е толку добра колку втората. Четвртата пак, со тоа извичниците, е пренапната. Секако, зависи и кому му го праќате мејлот - ако се работи за ваша реакција на лоша услуга во ресторан или на шалтер на државна институција, Бумеранг ве советува да не го завршите мејлот со „Се надевам дека ќе умрете во најголеми маки", туку со „Ве молам преземете нешто да ја оправите работата".
Значи советот генерално е - бидете кул. Исто така, не пишувајте цел чаршафи - оптималната должина на мејл е 50-125 зборови. Во книжевна смисла, првата реченица на „Фаренхајт 451" на Бредбери е прекратка („Задоволство беше да се гори"), а онаа од „Приказна за два града" на Дикенс со нејзините 118 зборови премногу долга (Тоа беа најдобри времиња, тоа беа најлоши времиња, тоа беше доба на мудрост...“ - дури нè мрзи и да ја допреведеме).
И овој текст, иако е краток ко за статија, да беше мејл одамна ќе завршеше во канта.
извор: Атлантик