Иако темите се главно од областа на економијата, книгата всушност има поголема амбиција - да објасни како е формиран модерниот свет, и зошто економските теории се дел од проблемите со кои тој секојдневно се соочува, наместо да бидат дел од нивното решение.
Со оглед на позицијата на Варуфакис, но и неговиот генерален фраерски имиџ, правата за книгата до сега се продадени на повеќе јазици, а неодамна излезе и српскиот превод, под наслов „Овој свет може да биде подобар: разговорите со ќерка ми за економијата". Пренесуваме дел од книгата, којшто покажува дека Варуфакис навистина знае да раскажува за економијата без празни фрази, но дека истовремено е и голем емотивец, барем што се однесува до неговата ќерка.
***
Отсекогаш сум сметал дека оној кој не може да ги објасни големите економски прашања на јазик разбирлив за тинејџери, всушност ни самиот не ги разбира. Во време какво што е нашето, во кое економската криза го има претворено „економскиот проблем" во горлива тема на сите наши немири и разговори, поларизирајќи го така целото општество, предлогот да напишам текст за економија наменет за тинејџери за издавачката куќа Патакис ми стана вистински предизвик. Ќе успеам ли? - се запрашав. И ако успеам, дали тој ќе им биде од корист на другите читатели.
Мојата одлука да го прифатам предлогот имаше уште еден мотив. Бидејќи присуството на мојата ќерка, на која ѝ се упатени следните мисли, речиси постојано ми е ускратено, со оглед на тоа што таа живее во Австралија, пишувајќи го текстот ги замислував нејзините реакции на секој мој збор, и имав чувство дека сме постојано заедно. Фактот дека таа е мојот најстрог судија ми помогна - се надевам - во тоа да пишувам почисто, без заобиколувања, понепосредно. Во неа не се занимавам со грчкото секојдневие во текот на неколкуте последни мрачни години - со меморандумите, сиромаштијата, недостатокот на достоинство кои ги доживуваме од 2010. Напротив, се фокусирам на големи прашања на социјалната економија кои се однесуваат на сите луѓе, насекаде.
Два големи скока - јазикот и вишокот
Пред отприлика осудмесет и две илјади години ние, луѓето, сме го направиле првиот голем скок: сме успеале да ги употребиме своите гласни жици за, наместо немушти крици, да артикулираме говор. Седумдесет илјади години подоцна сме го направиле вториот голем скок: сме успеале да обработиме земја. Говорот и можноста за произведување храна, наместо викањето и конзумирањето на она што ни го пружила природата (пленот и различните плодови) го изродиле она што го нарекуваме економија.
Денес, дванаесет илјади години по „изумот" кој на човекот му дал можност да обработува земја, имаме секакво право да сметаме дека тој миг навистина бил историски: човекот успеал прв пат да не зависи од великодушноста на земјата, туку научил како да се присили да произведува добра за него. Дали тоа бил миг на радост и подем? Никако! Единствената причина заради која луѓето научиле да ја обработуваат земјата бил гладот. Откако истребиле поголем дел од дивите животни благодарејќи на „умната стратегија" со која ловеле, и откако станале толку бројни што плодовите на дрвјата веќе не им биле доволни, луѓето заради глад биле принудени да измислат методи на обработка на земјата.
Како и сите останати технолошки револуции, и оваа не сме се одлучиле да ја спроведеме. Технологијата на земјоделството, аграрната економија ни се случила. Со неа, без наш напор да биде така, човечките заедници се промениле. Аграрното производство прв пат довело до создавање на основен елемент на вистинската економија - вишокот на вредност. Што е тоа? Тоа е производ на земјата кој не само што е доволен да нè прехрани и да ни ги надомести зрната кои сме ги искористиле оваа година (а кои сме ги „заштедиле" претходната), туку тоа е она што преостанува и овозможува трупање за идна употреба - на пример, тоа се житариците кои сме ги складирале, било за тешки времиња, било да се искористат за сеење идната година, со што би се зголемил идниот вишок.
Тука треба да обратиш внимание на два факти. Прво, уловените диви животни, рибата и собраните плодови и овошки тешко дека би можеле да создадат вишок, со оглед на тоа што рибата, зајаците и бананите после кратко време почнувале да се расипуваат и да скапуваат (што не се случувало со житото, пченката, оризот, јачменот, кој имале подолг рок на траење). Второ, производството на аграрен вишок изродило следни чуда на човечкото општество: писмо, долгови, пари, држави, војски, свештенство, бирократија, технологија, дури и првата форма на биохемиска војна. Да тргнеме, значи, по ред, да ги испитаме едно по едно...
Целиот извадок тука