Името е интересна асоцијација - Венера како симбол на женственоста, и муволовка како укажување на тоа дека растението е месојадно. Плус формата, со ситни запчиња и ете го Фројд, жив и здрав со саксија муволовки крај канабето.
Но муабетот ни беше друг. Оваа муволовка, чија татковина се американските мочуришта, заради почвата која обично е сиромашната со хранливи состојки, мора(ла) да научи да лови и да конзумира инсекти кои ќе ѝ се приближат. Тие се „пасивни јадачи“ што значи дека чекаат храната сама да им долета („само месо дома дошло“, буквално), а кога инсектот ќе влезе во стапицата - цап! - набргу му нема спас.
Но муволовката може да се активира од што и да е, како на пример капка дожд или некоја друга дразба која не е храна. Со оглед на тоа што процесот на затворање на „вилиците“ и производството на дигестивни ензими троши енергија, таа еволутивно морала да изнајде механизам да не реагира од прва. Дури ни од втора, туку од трета.
Тројца научници од Универзитетот во Вирцбург, Германија, откриле дека растението реагира на движењето на влакненцата на лисјата („вилиците“) и тоа така што „брои“ електрични имуплси кои тие ги произведуваат. Растенијата немаат нервен систем за тој да ги пренесува овие пулсирања како кај животните, но струјата која е резултат на биохемиските промени може да патува преку површината на клетките. Ако има само еден „тригер“ на 20 секунди, тој веќе во следната, дваесет и прва, се заборава. Но ако се случат неколку во помал интервал, тогаш растението брои, и после две дразби реагира со затворање на стапицата а после уште три со лачење ензими потребни за варење на храната.
Накратко, растението може да брои до пет. Плус се научило дека импулсивното реагирање (како кога не броиш до пет, или барем до три пред нешто да постираш) троши неверојатно количество енергија, која може да се користи за што и да е друго. На пример за варење на уловеното, за што се потребни 5-12 денови, во зависност од големината на ловот.