Сурен Сегал се родил во 1932 во Кушаб, село во западен Пенџаб, во Индија. Неговиот татко се занимавал со изработка на лекарства и медицинска опрема, продолжувајќи ја семејната традиција. Поттикнат од она што го гледал во фабриката на татко му, Сегал развил љубопитност за тоа какво е влијанието на лекарствата врз човечкото тело. Завршил фармација во Индија, но направил и нешто што никој во семејството претходно го немал направено - добил стипендија за докторат по микробиологија на Универзитетот во Бристол, во Британија. Куп роднини го испратиле на аеродром со венци и благослови. Со оглед на тоа што летот доцнел со часови, тој ги убедил аеродромските власти да ги частат роднините појадок. Со истата строгост но и убедливост подоцна ги убедил своите работодавачи дека има огромен потенцијал во нешто што се вика рапамицин.
Сè започнало на снежен ноемвриски ден во 1964, кога тим од околу 40 доктори и истражувачи се качиле на бродот Кејп Скот во Нова Скотија, тргнувајќи кон Велигденските острови. Нивната цел: да проучат група луѓе, нивното генетско наследство, животната околина и вообичаените болести. Ги одбрале токму нив поради географската изолираност, која овозможила „конзервирање“ на овие карактеристики. Тогаш никој не можел да знае дека највредниот наод од експедицијата ќе биде бактерија пронајдена во почвата на Велигденските острови. Џорџ Ногради, член на експедицијата, ја поделил територијата на островите на 67 парцели и зел по еден примерок почва од секоја од нив. Микробиологот од Универзитетот во Монтреал се обидел да разбере зошто островјаните никогаш не заболувале од тетанус, бактериска инфекција која често се поврзува со места каде има коњи. Не само што коњите тука биле побројни од островјаните, туку луѓето оделе и боси, нешто што вообичаено го олеснува инфицирањето со тетанус. Но Ногради успеал да изолира спори на тетанус во само еден од 67-те примероци.
Овие епрувети полни со прашина потоа можеле лесно да завршат во отпад, да не биле научниците од Ајерст, односно токму Сурен Сегал. Во епруветите коишто ги испитал тој пронашол бактерија со способност да произведува рапамицин, дотогаш непознато соединение со куп важни и корисни медицински својства. Излегло дека молекулата има моќни имуносупресивни карактеристики, на пример може да спречи размножување на клетки на рак, а соединението го добило своето име од Рапа Нуи, како што ги викале островите домородните жители. До тогаш хемотерапиите биле цитотоксични - тие ги убивале и „лошите“ но и „добрите“, живите клетки. Рапамицин било цитостатичен, тој ги спречувал оние „лошите“ да растат и да се делат. Првите експерименти со хемотерапевтските својства биле на глувци, со резултати кои ветувале.
Но работата на проектот ненадејно била стопирана во 1982, кога Ајерст одлучил да ја затвори својата истражувачка лабораторија во Монтреал. Компанијата ги отпуштила сите 30 научници кои се преселиле во експозитурата на компанијата во Принстон. Но Сегал не можел да заборави на рапамицинот. Тој бил убеден дека материјалот е екстремно вреден за спасување човечки животи. Зел епрувети со бактеријата и ги однел дома каде ги замрзнал во домашниот фрижидер веднаш до сладоледот, со натпис: „Не јади!“. Тука стоеле следните пет години.
Тогаш се случиле некакви измени во сопственичката структура на компанијата, па Сегал сметал дека неговите нови шефови би можеле да бидат позитивно настроени кон истражувањето. Им понудил да им одржи презентација за сето она што го знае за состојката, и да им објасни дека истата со оглед на своите имуносупресивни одлики би можела да игра голема улога при трансплантирањето органи. Добил позитивен одговор, и во 1999 рапамицинот е одобрен за користење при трансплантации. Истовремено, се открило и дека може да биде извор за лекарства против стареење. „Може“ значи дека до денес ваквото својство се уште се испитува.
За жал самиот Сегал никогаш не дознал до каде стигнала приказната за молекулата која помогнал да се открие. Починал во 2003, како последици на рак - иронично, со оглед на тоа што самиот рапамицин можеби можел да му помогне.