Поради различни закони за авторски права во светот, не постои еден единствен „јавен домен“. Сепак, ова се принципите според кои ќе се одреди кои дела ќе влезат во слободна циркулација во 2024:
- Дела на автори кои починале во 1953 (за земји со авторски права кои се одредуваат по принципот 70 години од смртта, што значи поголемиот дел од ЕУ, Русија, Британија и Јужна Америка);
- Дела на автори кои починале во 1973 (за земји каде важи принципот 50 години од смртта, како Нов Зеланд и поголемиот дел од Африка и Азија);
- Филмови и книги објавени во 1928 во САД.
Најголем интерес предизвикува ослободувањето од права на првата појава на Мики Маус во краткото филмче „Парниот брод Вили“ од 1928. Во него веселиот Мики е малтретиран од посадата на бродот. Дизни додуша веќе го постави филмот за бесплатно гледање онлајн, така што продажбата на оригиналот не се очекува да биде висока, но филмот и неговите ликови можат да бидат користени од секој што сака да ги употреби во оригинални приказни или уметнички дела. Финтата е што Дизни сè уште ја поседува трговската марка која може да биде обновувана бесконечно, што значи дека јавната употреба треба да биде таква за да не асоцира на тоа дека Дизни стои зад делото.
Други ликови се оние од „Куќата на Пу“ на А.А. Милне, што го вклучува и Тигарот. Од филмовите тука се „Циркус“ на Чарли Чаплин и „Човекот што се смее“, нем филм објавен во 1928, чија трагична фигура со врежана насмевка на лицето директно го има инспирирано Бетменовиот Џокер.
Од областа на книжевноста истекуваат правата на „Љубовникот на Лејди Четерли“ на Лоренс, „Орландо: биографија“ на Вирџинија Вулф, „Мистеријата на синиот воз“ на Агата Кристи, „Опера за три гроша“ на Бертолд Брехт и „Американец во Париз“ на Џорџ Гершвин.
На сајтот на Public Domain Review има интересен календар со „коцкички“ за секој ден. Со кликање на нив се отвора делото кое се ослободува од авторски права на соодветниот датум.