Кога Вебстер Еџерли се појавил на сцена при крајот на 19 век, во претстава за Кристофер Колумбо, целата ја изиграл стоејќи на прсти. Критичарите и публиката биле збунети, но самиот Еџерли, кој освен актер бил и писател, а наскоро и водач на преуспешното движење Ралстонизам, верувал дека на овој начин се одбегнува истекување на животната енергија од телото кон земјата.
Ова било само почеток на неговата луда мисија, промовирана во над 80 книги, во кои се нуделе псевдонаучни совети за сè, од секс (еднаш во осум дена, и никако повеќе) до пешачење (со целосно одбегнување на одење по права линија). Верувал дека движењето кое го нарекол Ралстонизам е клучно не само за подобрување на здравјето, туку и за вежбање телепатија и други спектакуларни моќи. Речиси милион луѓе ги следеле неговите ставови, меѓу кои и кралицата Викторија, а ваквата слава знаел и убаво да ја наплати - на пример преку воспоставување на брендот житарици Ралстон, кои гарантирале добро варење.
Иако имал завршено правен факултет, а работел во театарските води, вистинската професија на овој човек била - гуру. Затоа што движењето кое го нарекол според името на мајка му (Рода Лусинда Стоун) постепено станало некој вид култ, кој почивал на неколку елементи поврзани со акронимот Ралстон на англиски - режим, активност, светлина, сила, умереност, кислород и природа.
Книгите кои ги напишал Еџерли најпрвин биле под псевдоним, а носеле наслови како „Лекции за длабоко уметничко дишење“ или „Сексуален магнетизам“. Еден од советите бил да се земе парче мермер и да се мафта наоколу со него, за да се зголеми „личниот магнетизам“, односно харизмата. Младите момчиња биле советувани да спијат со жени доволно стари за да бидат нивни баби, но потоа да се оженат со девојки 20 години помлади од нив. Пропагирал и нов јазик, наречен јазик на Адам-човекот, кој ветувал моќ за контрола на мислите и дејствата на другите, па дури и бесмртност.
А книгите воопшто не му биле евтини, во денешни пари 700 долари, што требало да создаде чувство дека се работи за нешто ретко и вредно. Членовите на неговиот „клуб“, кои броеле над 800,000 луѓе, а за препознавање носеле црни ленти околу раката, наречени „ралстонети“.
Покрај сите глупости кои ги проповедал, најопасна од денешна гледна точка била еугениката. Книгите му биле полни со расистички идеи, меѓу кои кастрирање на сите не-бели мажи. Неговата желба за создавање заедница на супериорни луѓе се обидел да ја оствари и во пракса - купил голем имот во Њу Џерси, каде замислил дека ќе изгради 400 куќи, шест фарми и исто толку имоти, на кои би биле засадени дрвја од Јапонија, Норвешка и Кина, и би имало голем овоштарник.
Но имотите кои ги нудел биле скапи дури и за побогатите, па успеал да продаде само 25 од куќите. А крајот на проектот го одбележал скандал, кога воден резервоар кој го изградил на својот имот а требало да обезбедува вода и за блискиот град пукнал, доволно за во него да влезат бактерии и да се прошири зараза. Еџерли наскоро бил прогласен за непожелен и морал да се пресели во Трентон, каде живеел до својата смрт во 1926.
Ралстонизмот долго време бил заборавен, до 1990-тите кога студентка по археологија престојувала во некогашната куќа на „гуруто“, која ја купиле нејзини пријатели, и ја истражила нејзината историја. Сега таа се користи за уметнички настани, а локалците ја викаат „Замокот“. Тие понекогаш го спомнуваат ексцентрикот кој некогаш живеел тука, и кој шетал низ ходниците, можеби балансирајќи на ножните прсти.