Според една легенда, Наполеон Бонапарта, кога бил тинејџер, организирал десетдневна „војна“ со снежни топки во своето воено училиште. За таа цел биле направени детални логистички зафати, како копање ровови и дефинирање на правила за водење на битките. Станува збор за зимата 1783-1784 во Бријен во централна Франција. Соучениците на тогаш 14-годишниот Корзиканец биле поделени во два тима, бранители и напаѓачи, водени од самиот Наполеон, кој преку овие „игри“ се покажал како одличен организатор, и се истакнал во очите на професорите и врсниците.
Токму со оваа сцена почнува нем игран филм посветен на Наполеон од 1927 на режисерот Абел Ганс, кој со брзите монтажи и рачно држената камера личи на стиловите на некои од најдобрите современи режисери.
Низ историјата, мавањето со снежни топки како форма на игра не било ограничено на децата. Во страници на илустрирани средовековни ракописи луѓе од сите возрасти, мажи и жени, се прикажани во пози на фрлање на таква „муниција“.
Ова е во контраст со вообичаениот приказ на зимата во средовековната поезија како мрачна и депресивна (барем онаа во западна Европа). Играта на снег, и со снег, става привремен крај на зимската флегматичност, ги слави малите радости и ја прекршува монотонијата. Сето тоа преку „меките бомби“ на снегот.
Дека понекогаш овие снежни војни можеле да излезат од контрола покажува забраната од 1472 на градскиот совет на Амстердам за одржување вакви настани, поради „јавна безбедност“. Во помодерно време, во 2018 градот Северанс, Колорадо, ја укинал ваквата стара забрана, откако група млади поднеле петиција за истото.
Најголемата битка со снежни топки е регистрирана на 29 јануари 1863 во текот на Американската граѓанска војна, во северна Вирџинија. Нешто што почнало како местенка на неколку стотини војници од Тексас, кои почнале да маваат со снег по своите армиски другари од Арканзас, наскоро ескалирало во вистинска војна, во која учествувале дури 9000 војници.