Делегацијата на ЕУ и ЗПРМ во септември 2020 година го објавија Конкурсот за најдобар млад преведувач „Вавилон“ 2021 кој завршува на 4 април 2021 година.
Ова е осмиот циклус од Наградата, во чии рамки ЗПРМ организира промотивни и едукативни активности. До крајот на 2020 ќе се одржат две информативни онлајн работилници за наградата (на 25. ноември и 10. декември), на кои учесниците ќе може да се информираат за главните критериуми за учество, процесот на оценување, придобивките од учеството и освојувањето на наградата.
Потоа ќе следи дискусија со искусни книжевни преведувачи на којашто ќе бидат споделени искуства и корисни совети на што треба да се внимава при преведувањето. Исто така детално ќе биде објаснето како студентите да изберат дело што ги исполнува критериумите за конкурсот. По презентацијата и дискусијата, учесниците ќе имаат можност да преведат текст во координација со искусен преведувач од конкретната јазична комбинација што тие ја избрале. Сите новини во врска со самите работилници тековно ќе се објавуваат на настанот на Фејсбук.
Од оваа година Наградата „Вавилон“ има амбасадор, а првата амбасадорка е Румена Бужаровска, писателка, професорка и преведувачка. На работилниците што ќе се одржат на 25 ноември и 10 декември, таа ќе биде и една од групата искусни преведувачи што ќе говорат за важните нешта на кои ќе треба да обрнат внимание учесниците на Конкурсот при преведувањето на одбраните текстови, како и ментор од англиски на македонски за преводот што ќе се работи во рамките на работилницата.
Повеќе информации за Наградата „Вавилон“ тековно се објавуваат информации на веб-страницата (каде на македонски, албански и англиски детално се објаснети критериумите за учество на конкурсот, а има и електронска пријава), страницата на Фејсбук и на Инстаграм.