Енкодиран текстил

QR кодови кои раскажуваат древни приказни

Кога Гиљермо Берт, уметник од Лос Анџелес, ги набљудувал шемите на прекривките на северноамериканските Индијанци, забележал чудна сличност на нивните мотиви со QR кодовите. Одлучил да се позанимава со комбинирање на современата технологија и традиционалните симболи и знаења, кои полека исчезнуваат.

Берт пред неколку години започнал проект наречен „Енкодиран текстил" кој сега патува низ голем број галерии и музеи низ светот. Иако бил инспириран од северноамериканските текстилни производи, тој најпрвин исконтактирал со членови на едно од домородните племиња од неговото родно Чиле, Мапуче (од мапу - „од земјата" и че - „народ"). Тие се единствената домородна група во Америка која успеала успешно воено да им се спротивстави и на Инките и на шпанските освојувачи, и да ја задржи сопствената независност до доцниот 19. век, кога чилеанската влада ги сместила во резервати. Денес младите генерации се асимилирани во мејнстрим културата, а дијалектите и усните истории полека им исчезнуваат.

Токму заради ова, Берт интервјуирал постари членови на племето, поети, занаетчии, фармери и активисти, а потоа делови од нивните приказни претворил во поединечни QR кодови. Со само еден клик од мобилниот, кодот вткаен во специјално изработена таписерија ве носи до цитат од овие соговорници. На пример една таписерија ја раскажува приказната на Мачи Хуан Куракуеро - исцелителот кој го благословил проектот на Берт - и е енкодиран со коментарот: „Секогаш гледам наназад за да го разберам знаењето на нашите претци".

Традиционалната ткајачка Анита Пајламил и нејзините соработници, кои ги изработуваат таписериите, ги користат симболите на Мапуче за да направат граничник околу кодовите - за оваа на Мачи Хуан, на пример, е искористен ботанички симбол кој претставува излекување. Така, приказните на Мапуче се ткајат не само нитка по нитка, туку и пиксел по пиксел.

14 август 2013 - 22:17