Новиот филм „Амстердам“ генерално зборува за пријателство на двајца војници од Првата светска војна, лекарот Барт Берендесен (Кристијан Бејл) и адвокатот Харолд Вудсмен (Џон Дејвид Вашингтон). Кога се ранети, за нив се грижи болничарката Валери Воз (Марго Роби), која станува третиот „пајташ“ во групата. Тие, не по своја вина, се замешани во убиство на својот некогашен командир, а сега воен генерал, Бил Микинс. Обидувајќи се да ја докажат својата невиност, тие всушност откриваат многу поширока конспирација, за инсталирање фашистичка власт во САД.
Станува збор за вистинска приказна, за таканаречениот „Вол стрит пуч“ од 1933, насочен против тогаш новоизбраниот претседател, Франклин Рузвелт. Економските околности во тој момент се ужасни, бројот на невработени е 16 милиони, а над половина милион фарми се затворени. Пропаднати се повеќе од 5000 банки, а стотици илијади семејства ги имаат загубено домовите. Финансиските капиталисти имаат измамено милиони штедачи, а државата нема никакви механизми да ги заштити - ниту минимална плата, ниту здравствено осигурување.
Во вакви тензични околности на паника и вознемиреност, белите супрематисти почнуваат да шират параноја за глобални конспирации и закани од социјализмот. Tие го напаѓаат Рузвелт, ширејќи антиеврејски и профашистички идеи, со слоганот „Америка на прво место“, создаден од медиумскиот магнат Вилијам Рендолф Хрст. Рузвелт дополнително ги напнал богатите со својот храбар Њу дил, кој подразбирал намалување на нивните лични приходи.
Истовремено, поттикнат од подемот на харизматични диктатори како Хитлер и Мусолини во Европа, анти-рузвелтизмот прераснал во отворена омраза. Голем број американски интелектуалци и бизнисмени, меѓу кои и Хенри Форд, во нацизмот и фашизмот гледале соодветни модели и за иднината на САД, каде десницата почнала да формира свои паравоени организации.
Филмот се фокусира на еден лик кој пружил отпор на ваквите тенденции. Фиктивниот Диленбак (Роберт де Ниро) е инспириран од генерал по има Смедли Батлер, кој помогнал да се разоткрие она што подоцна ќе биде познато како „Бизнис конспирацијата“. Тој сведочел под заклетва дека богати бизнисмени му пристапиле и му понудиле пари за тој да раководи со фашистички пуч против владата на САД. Но изгледа малку згрешиле во изборот, бидејќи Батлер, квекер, бил херој на Првата светска војна, војник кој бил идол на ветераните и истражувач во Кина и Централна Америка. Неговата репутација била сјајна, и тој немал намера допрва да ја нарушува за нечии интереси.
Организацијата којашто стоела зад пучот била наречена Американска лига за слобода, а во неа членувале, меѓу другите, ЏП Морган, директорите на Џенерал Моторс, Сингер и многумина други. Акцијата предвидувала голема армија ветерани, со вооружување обезбедено од фабриката Ремингтон, да маршираат кон Вашингтон, да го свргнат Рузвелт и да воспостават фашистичка диктатура, заштитувана од прватна армија од 500.000 поранешни војници.
Колку сето ова била сериозна закана по претседателствувањето на Рузвелт и иднината на САД останува непознато. На времето медиумите го нарекле „огромна измама“ бидејќи постоел голем јаз помеѓу планирањето и извршувањето.
Извештајот на конгресниот комитет од 1935 заклучил: „Добивме докази кои покажуваат дека одредени лица направиле обид за воспоставување на фашистичка организација во земјата. Нема сомнение дека ваквите обиди биле дискутирани, планирани а можеле да бидат и извршени“. Притоа, како главен елемент во превенцијата на последната фаза се наведува улогата на генералот Батлер, кој сепак не бил задоволен од исходот - отсуството на конкретни имиња во извештајот.