На Твитер, на профилот на писателот Мет Витлок неодамна се појави интересно прашање - „Без да ја откриваш својата вистинска возраст, што е oна на што се сеќаваш, а некој помлад од тебе не би го разбрал?“
До сега се постирани повеќе од 18.000 одговори, меѓу кои: флопи дискови, автомобилски прозорци што се спуштаат рачно, пушење во болница, хартиени мапи, пејџери, звук на зафатено на телефон. Сите овие се реликти на некогашна материјална култура, на која се сеќаваат оние и не толку старите. Па сепак за само две-три генерации работите толку се имаат променето што да кажуваш некому дека имало време кога сме можеле да гледаме само два телевизиски канали, или дека постоела бела техника што траела и по триесет години (а и денес функционира), е како да зборуваш за некое измислено, митско време.
Ваквото знаење, за проживеано искуство кое денес никому не му користи, освен на ниво на „во мое време“ муабети, сепак во себе вградува некакво задоволство. Според коментатор на Атлантик, поттикнатите спомени на времето кога снимавме песни од радио или на звукот на дајл-ап модемот се како археолошки ископувања, ама низ наслагите на психолошкото време. Комбинацијата на возраст, животна „станица“ и технолошки можности дава фиксиран момент во времето и просторот кој е многу позначаен отколку било каква генерациска определба или едноставен број на години. Она што им дава значење на ваквите моменти е нивната моќ да го обележуваат нашето време, додека силите на пазарот истото го кршат на парчиња - нешто што често, а погрешно, се нарекува прогрес.
„Мал(а) е за тебе ако не го знае тоа и тоа..“ е честа шема и на „нашиот“ Твитер. Па има тука онакви пластични ќеси од млеко, спомнување на „срнечки грб“ од Ванила, емисијата за шах на МТВ, Атомската мравка. Да, некако ни се чини дека сите се помали и помлади од нас бидејќи се сеќаваме на сето ова. И на многу други нешта кои нè поврзуваат со оние кои исто така ги доживеале. И никој друг не може да ви се зачлени во клубот, затоа што овие работи не се такви што можеш да ги видиш на Википедија или во јутјуб видео па да знаеш за нив. Не можеш искуството да го купиш од Амазон или да го симулираш со VR. Си морал да бидеш тело, во одредено време, во одредена култура. Си морал да бидеш таму.