Во 2002 дечко од Австралија постирал фотографија од самиот себе на интернет форум и ја нарекол „селфи“. Добро, ако ја видите сликата тоа и не е баш портрет, туку повеќе дефокусирана снимка од нечија пресечена уста - последица на пијана прослава на 21-ви роденден.
Сепак, историјата на сликање на самиот себе е многу подолга од тоа и има врска со развојот на фотографскиот медиум. Всушност, првиот сочуван пример на „селфи“ е можеби и прв фотографски портрет. Во 1839, млад хемичар од Филаделфија по име Роберт Корнелиус излегол пред семејниот дуќан и се сликал. Тоа го сторил со отстранување на капачето од објективот, брзо сместување пред фото-апаратот и седење мирен цели 10-15 минути пред него, а потоа повторно покривање. На позадината напишал: „Прва светлосна фотографија на светот. 1839.“
Роберт бил интересен тип, за кого велеле дека е „гениј“ и ненадминат во својата професија. Како хоби, се занимавал и со зборување од стомак. Ја развивал дагеротипијата, до степен до кој за неговите дела велеле дека мора да се видат во живо за вистински да се доживее нивната убавина.
Освен што работел на иновативни техники за значајно намалување на времето на експозиција потребно за добар портрет (на помалку од една минута), Корнелиус патентирал и „соларна лампа“ која светела посјајно и овозможувала користење на маст, на местото на многу поскапото масло од кит.