Снимен тајно помеѓу 2006 и 2013-та, спакуван во орнаментирана сребрена кутија, „Беше еднаш во Шаолин“ на хип-хоперите Ву-Танг Клан е веројатно најмистичниот албум на светот. Од него е отпечатена само една физичка копија на две ЦД-иња, а никогаш не е понудена опција за дигитално симнување или стриминг. Купен директно од бендот во 2015, тој е засега најскапото музичко дело на сите времиња.
Среќниот купувач најпрвин беше анонимен, сè додека Блумберг Бизнисвик не го идентификуваше како извршниот директор на Туринг фармецеутикалс, контроверзниот Мартин Шкрели (за него види на пример тука), кој за него платил 2 милиони долари. Откако од бендот го дознале неговиот идентитет, донирале голем дел од парите во хуманитарни цели. Поентата на раритетноста на албумот требаше всушност да биде привлекување внимание врз влијанието на стримингот и пиратеријата врз вредноста на музиката.
Сега, Музејот на стара и нова уметност (Мона) во Хобарт, Тасманија, ќе стане местото на првото јавно преслушување на албумот. Тоа ќе биде дел од поширок настан, изложба под наслов „Нејмдропинг“, која ќе ги истражува статусот, славните личности и озлогласеноста.
13-минутен дел од албумот претходно беше пуштан на 150 експерти од областа на уметноста, рап фанови и потенцијални купувачи, во њујоршкиот МоМА во 2015, пред самата продажба. Тогаш Шкрели вети дека ќе го објави целиот албум доколку Трамп победи на претседателските избори во 2016, што и се случи, па делови од албумот беа пуштени онлајн. Подоцна се обиде и да го продаде албумот на и-беј, каде цената достигна 1,2 милиони долари но продажбата никогаш не беше комплетирана.
Во 2018, по обвинението за финансиска измама, Шкрели мораше да го предаде албумот како дел од седумте и кусур милиони долари кои беа наплатени од федралниот суд, а вклучуваа и слика од Пикасо и тогаш неиздаден албум на Лил Вејн.
Во 2021 Министерството за правда го продаде албумот на дигиталната архива Pleasr за 4 милиони долари за да ги покрие долговите на Шкрели, со назнака дека спомнатиот колектив ќе треба да најде начин да го направи достапен на светот, точно тоа што сега и ќе се случи.