1800-тите биле време на големи иновации во планирањето и изведбата на урбаните водоводни системи. Градовите ги добиле првите модерни канализации, со долги подземни тунели. Куќите добиле купатила, со керамички кади, тоалети и лавабоа кои личат на денешните. И, за да не заостануваат во овој развој на инфраструктурата, болниците вовеле хидротерапија: метод според кој водата се користела за третирање на лудило.
Всушност, оваа необична идеја не била нова. Во 17 век на пример, фламанскиот лекар Жан Батист ван Хелмонт ги потопувал пациентите во езерца или во море. Бил инспириран од приказна за психијатриски болен кој се фрлил во езеро, за малку ќе се удавел, но кога се опоравил истото се случило и со неговиот ум. Ван Хелмонт заклучил дека водата би можела да го сопре пренасилното, „вжештено“ однесување. Почнал да ги соблекува пациентите голи, им ги врзувал рацете и ги потопувал во вода со главата надолу.
И, да, пациентите понекогаш се давеле. Методот никогаш не влегол во масовна употреба. Но кога водата можела да се користи и внатре психијатриските болници, хидротерапијата станала широко применета. Бидејќи докторите сметале дека мозокот е локација на лудилото, наместо да го потопуваат целото тело во вода, препишувале студени тушеви само врз главата на пациентите, за и буквално да им го оладат мозокот. И притоа не била потребна никаква посебна технологија - само болничар кој истура мраз студена вода врз главата на сиротиот болен.
Сега веќе почнале да се измислуваат пософистицирани механички тушеви. Шкотскиот лекар Александар Морисон дизајнирал некој вид базен (поточно: дупка со вода) во кој пациентот седнувал при што главата му ѕиркала од отворот. Одозгора му била истурана вода. Белгискиот лекар Јозеф Гислан пак дизајнирал туш чиј воден резервоар бил поставен на покривот на болницата. Пациентот седел врзан за столица без да може да го гледа болничарот кој го туширал. Шокот и стравот биле дел од терапијата.
Подоцна студените тушеви биле заменети со топли бањи кои траеле со часови па дури и со денови. Но иако ова звучи како подобра варијанта, не било баш така. Пациентите биле завиткувани (речиси врзувани) во мокри чаршафи, потоа врз нив им била виткана мушама, и тие биле оставани да се потат со часови. Наводно на овој начин се елиминирале токсините - причинители на лудилото.
Во раниот 19 век почнале да се воведуваат и домашни тушеви, со што луѓето веќе не зависеле од јавни купатила за одржување на хигиената. Сепак, првите служеле само за плакнење на торзото, а имало и тушеви кои работеле со ножни педали.
Хидротерапијата при третирање на ментално болните излегла од мода во раниот 20 век со развојот на друг вид третмани, како електрошоковите и подоцна антипсихотичките лекарства. Но ова останува историски еден од првите третмани кој се фокусирал на физичкото тело како средство за третирање на умот, што сугерира свест за биолошко потекло на менталните болести.
Извор: Атлантик