Првиот речник објавен во Австралија бил посветен на сленгот на криминалците

Затворениците доселени во Австралија од својата татковина - Англија - помеѓу другото донеле и куп зборови и изрази. Еден од нив, исто така осуденик, ги документирал во 1819, во книга под наслов A Vocabulary of the Flash Language.

Се смета за прв објавен речник во Австралија, составен од 700 сленг зборови и изрази преведени на „нормален“ англиски. Станувало збор за термини кои вообичаено ги користеле луѓе кои се занимавале со незаконски работи - од крупен криминал, до вртење паричка од половина пени и обложување дали ќе се падне писмо или глава (пракса позната како spinning the mags).

Собирачот на ова лингвистичко и фолклорно богатство се викал Џејмс Харди Во, а својата собирачка дејност ја почнал кога и самиот бил во затвор во Њукасл, југо-источна Австралија. Книгата му ја посветил на својот надзорник.

Помеѓу 1788 и 1868 повеќе од 160.000 луѓе биле транспортирани од Англија, Велс, Ирска и Шкотска на спротивниот крај на светот за да си ги отслужат казните во Австралија, а потоа да помогнат во воспоставувањето на новата британска колонија. Луѓето присилно качени на бродови, дури и за минорни прекршоци, завршувале во Тасманија, Синдеј, Перт, во институции познати по страшните услови и тешката работа, кои денес се музеи.

Доаѓањето на овие луѓе влијаело врз составот на населението, но и врз јазикот. „Говорот на крадците“ се состоел од голем број кодирани борови кои постоеле на маргините на англиското општество со векови. Неодамна, за да се одбележи 200 годишнина од излегувањето на првото издание, австралискиот писател и илустратор Сајмон Барнард објави освежена верзија, со историски примери на употреба на термините од криминални досиеа и судски документи, како и зборови кои подоцна влегле во секојдневна употреба. Најинтересно според него е збунката на официјалните лица (полицајци, судии) кога овие осудениве нешто се обидувале да им објаснат. Морале да бидат повикувани посебни „преведувачи“ за да се разберат.

Еве некои од примерите:

bit-faker
човек што штанца лажни монети

lushy
пијан, „напраен“

charley
надзорник

queer
некој лош, нездрав, лажен

toddler
нестабилен повозрасен човек

top'd
обесен

15 октомври 2019 - 08:27