Во текот на нејзиниот живот, Хилма аф Клинт создала повеќе од илјада дела, а „Амалиел“ бил еден од неколкуте духови кои ѝ зборувале од небесата (или одвнатре), давајќи ѝ насоки па дури и водејќи ѝ ја раката по платното. Била дел од група „Петтте“, женски кружок кој одржувал контакт со таканаречени „Големи господари“, преку спиритуални сеанси.
До скоро аф Клинт била повеќе позната по комерцијалните портрети и пејзажи кои ги изработувала за да преживее. Апстрактните дела останале затворени во студиото бидејќи таа сметала дека светот не е подготвен да ги види. Кога починала во трамвајска несреќа, во 1944, на возраст од 81 година, во нејзиниот тестамент пишувало дека тие не треба да бидат изложувани во следните дваесет години.
И желбата ѝ се остварила. Останала непозната до 1986, кога била вклучена во изложбата „Духовноста во уметноста: апстрактно сликарство 1890-1985“ во Уметничкиот музеј на Лос Анѓелес каунти. Но нејзина индивидуална изложба се отвори дури вчера, 12.10, во музејот Гугенхајм, под наслов „Хилма аф Клинт: слики за иднината“. Претставени се 175 дела (слики и цртежи), како и седум од нејзините бележници.
Василиј Кандински долго време беше сметан за „татко“ на апстракцијата, но апстрактните дела на аф Клинт се неколку години постари од неговите. Исто така треба да се земе предвид дека таа живеела далеку од „оската на модерноста“ (Париз/Минхен/Милано) и творела во осама, водена од сопствените духовни убедувања. Форматот на сликите понекогаш е сосема мал, како „Слики за храмот“, серија од речиси 200 дела, но и поголеми како „Десетте најголеми“ кои се однесуваат на циклусите на човечкиот живот, со многу вињетки, спирали и цвеќенца.
Аф Клинт не била самоукa - родена 1866 таа рано покажала уметнички талент и студирала на Кралската академија за убави уметности во Стокохолм. Не е јасно колку комуницирала со водечките уметници на нејзината генерација. Она што се знае е дека долго време не можела да патува затоа што се грижела за мајка и, која останала вдовица. Студиото ѝ било во истата зграда каде се одржала изложба на Едвард Мунк, а била дел и од поставка во која биле изложени слики на Кандински.
Сепак, поголемиот дел од времето работела во изолација. На фотографиите изгледа како строга и конзервативна жена, со високо закопчана кошула и коса фатена во уредна пунџа. Но во уметноста таа била сè само не конзервативна.
Најзаслужни за тоа што нејзината уметност преживеала се членовите на семејството аф Клинт кое формирало фондација за зачувување на делата и документирање на нејзината работа. Токму благодарејќи на тоа таа го добива заслуженото место во историјата на уметноста.