Лејди Мери била пријателка на Бен Џонсон, еден од најпознатите британски и драматурзи од 17 век.
Човекот со кого имала љубовна врска, Вилијам Херберт, бил кралски коморник и човекот на кого му се посветени драмите во тн. Прво фолио на Шекспир, збирка од 36 драми објавени во 1623.
Била поврзана и со мајсторот на церемонии на кралскиот двор, оној задолжен за забавата. Но нејзината драма - прва комедија напишана од жена - под наслов „Љубовната победа“ сепак не можела да биде изведувана. Причина: традицијата воспоставена од мажите-критичари велела дека јавно изведување на драма напишана од жена е едноставно неприфатливо.
Оваа неправда сега се исправува со нова продукција на текстот, кој премиерно беше изведен на 16 септември во куќата каде се смета дека бил напишан во 1618. Пенхрст плејс во Кент е семејниот дом на лејди Мери, каде таа живеела откако нејзиниот сопруг, алкохоличар, Роберт Врот, умрел од гангрена. Драмата почнува со тоа што Венера се заколнува на одмазда на сите смртници кои некогаш ѝ свртеле грб на љубовта. Таа бара од нејзиниот син Купидон да ги гаѓа таквите луѓе со стрели. Така почнува текст кој е полн со забавни пресврти.
Голем дел од таа забавност се должи на женските ликови кои си разменуваат интимни стории од сопствените животи, за кои се претпоставува дека во голем дел се базирани на реални ликови и места.
Освен како прва-жена комедиограф во Британија Мери Врот е и првата жена авторка на прозна романса, книгата „Грофицата од монтгомериевата Уранија“, како и на вториот сонет напишан од Англичанка (првиот бил на Ана Лок).