Промоција на „Вдиши длабоко“

Александра Ристовски, Алекс или Буца, е геодетски инженер. Работи во Црвен крст. Пишува и поезија, и тукушто ја издаде нејзината прва книга. Таа - нејзината поезија - е како неа, мисловна, понекогаш весела понекогаш натажена, но секогаш хумана и со моќ да ја пренесе љубовта кон животот, без оглед дали тој боли или радува. Непретенциозна и многу лична, таа не е пишувана за лајкови, но бара споделување, помеѓу оние кои мислат и чувствуваат исто како неа.

Дојдете во „Подрум“ во Буњаковец во сабота, 12.11 од 21 часот за да ја слушнете изговорена од нејзините блиски и пријатели. Не заборавајте пред да влезете да вдишете длабоко. 

СРЕЌА

Чувствуваш кога земјата се тресе.
Мислиш дека чувствуваш,
но, всушност се редат слики.
Како филм,
што за секунда поминува низ твојата глава.
Убави слики, тажни слики,
бакнежи, болести, насмевки, прегратки...
Застануваш.
Вдишуваш длабоко.
Ја стискаш раката со својата рака.
И тргнуваш.
Има уште многу,
да се види,
да се проба,
да се радува,
да се тагува.
Но, важно е дека одиш,
дека не си сама.
И дека заедно тргнавте по вашето патешествие,
наречено живот.

 

11 ноември 2016 - 16:24