На ведар ден на плажите на Јеонпјуеонг, мал јужнокорејски остров, може да се види Северна Кореја, на оддалеченост од околу 12 километри. Истовремено се гледа и нешто друго - помеѓу алгите, парчињата откината рибарска мрежа и однесените гранки, ѕиркаат парчиња нападно обоена пластика.
За незаинтересираниот набљудувач овие отпадоци - амбалажи од грицки, кутии цигари, пакети за инстант нудли, сите со прекумерно голем фонт, светли бои и генерално нападен дизајн - само потврдуваат дека Жолтото море е едно од најзагадените во светот. Но за оние другите, во овие предмети се вградени вредни информации за општеството од коешто потекнуваат: Северна Кореја, која е речиси изолирана од остатокот од светот.
Прв кој почнал со собирање на овој отпад и негово истражување е Канг Донг-ван, професор по политика на Универзитетот Донг-А во Бусан, Јужна Кореја. Канг минатата година собрал 1.414 амбалажи од плажите во регионот на Петте западноморски острови (Five West Sea Islands) кои биле окупирани од Југот на крајот на војната и сега претставуваат де факто морска граница помеѓу двете земји. Јеонпјуеонг е најблискиот остров до Северот, а поради артилериски напад од 2010 кога имало четири жртви тука сега живеат само 80% од првичните 2000 жители, бидејќи голем дел од нив се исселиле од оваа зона.
Професорот најпрвин бил изненаден од количината отпад, но и од некои елементи на неговата содржина. Сега резултатите од своето истражување го објавува во книга „Собирајќи го севернокорејското ѓубре“, во која отпадот е поделен на категории: слатки, пекарски производи, пијалоци, млечни производи, зачини, алкохол, цигари, медицински производи и „разно“.
Една од предрасудите за Северна Кореја е дека тоа е несофистицирана земја, во која има само основни стоки за широка потрошувачка. Но професорот вели дека амбалажите се изненадувачки рафинирани и дека во голема мерка ги отсликуваат оние на капиталистичката економија, не само во Јужна Кореја туку и во светот.
Амбалажите на производите на фабрика од Пјонгјанг, на пример, е покриена со весели цртежи и бои, и со мачка која многу личи на Хелоу Кити. Промените во дизајнот се делумно последица на реформите по 2011, кои подразбираа либерализација на економијата. Истовремено, зголеменото криумчарење ги направило Корејците од Северот поинформирани за она што доаѓа од надвор, па порафинираните амбалажи се начин да се биде компетитивен со она што доаѓа од страна, макар и по забранети канали.
Ѓубрето нуди и поглед во условите во фабриките. Листата на состојки и датумите на производство, на пример, покажуваат што можела земјата сама да произведе во текот на пандемијата, а за што морала да се потпира на увоз. Местото на производство укажува на тоа дали фабриката е раководена од војската за нејзини потреби, што значи дека одреден производ е само за војниците, а не е достапен за генералната популација.
Поновите амбалажи често се од рециклирани или локално набавени материјали, што е уште една индикација за економската ситуација на Северот. Можеби нивните мотиви се еколошки, но најверојатно рециклирањето се должи на ограничените ресурси за суровини.
Види претходно: Писателот опседнат со собирање ѓубре и владината комисија