Во топло августовско попладне во Франција во 1901, госпоѓиците Елизабет Морисон и Франсис Ламонт, кои тука дошле од Англија, ја посетиле палатата Версај, поранешна кралска резиденција западно од Париз. „Заминавме со воз“, напишале тие подоцна, „и шетавме низ огромните простории и галерии, разгледувајќи ги со интерес“. Но ова не испаднало толку пријатно искуство колку што се надевале.
Кога почнале да шетаат низ градините, врз нив како плашт паднал облак на депресија, меланхолична атмосфера која тие ја опишале како „сонлива измаглица“, морничава и непријатна. Почнале да среќаваат луѓе облечени во чудни облеки. Минувајќи преку мост наишле на дама која седела и нешто цртала. Се свртила кон нив и ги погледнала, а нејзиниот фустан бил старовремски. На крај, едвај го нашле излезот од градините и како занесени се вратиле во хотелот.
Необичното искуство ги натерало следниот ден повторно да отидат во палатата. Но сега нештата биле променети - објектите не биле тие, патеките за прошетка како да се поместиле, а го немало ниту мостот. Всушност, целата локација била поинаква. Со детално истражување, Морисон и Ламонт на крај сфатиле дека тој судбоносен ден се вратиле во доцниот 18 век, а дамата на која наишле не била никоја друга туку самата кралица Марија Антоанета.
Приказната била толку бизарна што одлучиле целосно да ја документираат во форма на книга. Таа, под наслов „Авантура“ била објавена во 1911. Станала бестселер и неколку пати била препечатувана.
Но наскоро било откриено нешто уште почудно. Морисон и Ламот всушност не постоеле. Реалните авторки на „Авантура“ биле Еленор Журдан и Шарлот Моберли, директорката и заменичката-директорка на Колеџот Сент Хју во Оксфорд, двете високо почитувани професорки, кои ги скриле своите имиња за да одбегнат сеир од колегите. Нивните вистински имиња биле откриени дури во подоцнежните изданија.
Овој колеџ бил формиран за ќерките на сиромашните службеници. И самите раководителки немале кој знае какво образование, со оглед на условите за тоа на времето, но работеле на себе, а станале и пријателки. Ова нивно патување во Париз било резултат не само на туристичката туку и на интелектуалната љубопитност. Но и тие не биле свесни дека нештата ќе отидат во друга насока. Искуството ќе ги поттикне да го формираат Здружението за истражување на натприродното (Society for Psychical Research). Формирано во 1882, неговата мисија била да „врши академско истражување на човечките искуства кои ги доведуваат во прашање современите научни модели“. Негов претседател бил сер Вилијам Крукс, бритаски хемичар, метеоролог и физичар од Кралскиот колеџ за хемија.
Членовите на здружението различно го толкувале искуството на нивните колешки, а јавноста се сомневала во неговата легитимност, толкувајќи го настанот како халуцинација или просто дека во тој момент во палатата имало карневалска забава со стари костими.
И покрај критиките откако се открило кој стои зад книгата, академските кариери на двете жени продолжиле и тие останале почитувани фигури во историјата на колеџот.