Еден од најинтересните ликови во „Проблемот со жените“, излезена во февруари оваа година, е оној на Џејмс Миранда Стујарт Бери, воен хирург од 19 век, кој е всушност првиот квалификуван познат доктор во Британија, а кој всушност бил жена. Taa одбрала да живее како маж за да биде прифатена како студент по медицина, а потоа да продолжи со лекарската кариера. Јавноста и колегите го дознале нејзиниот пол дури по смртта.
Друг лик е архитектката Елизабет Вилбрехам од 17 век, за која дури сега се открива дека дизајнирала 18 од 52-те цркви во Лондон изградени по големиот пожар од 1666, а кои до скоро му беа припишувани на сер Кристофер Врен, еден од најголемите британски архитекти на сите времиња.
Но за авторката Флеминг потенцирањето на исклучителните жени, сите тие Јованки Орлеанки и Рози Луксембуржанки, истовремено го зајакнуваат митот дека со нивните имиња се исцрпува списокот. Има уште силни жени во нешто што таа го нарекува „корпа за отпадоци на историјата", но и такви чија најголема маана била што „немале брада“, бидејќи таа била еден од предусловите за човек да биде успешен во науката.
Главната алатка на книгата се иронијата и пародијата, особено кога го користи истиот авторитативен тон со кој бил маргинализиран женскиот придонес, како „Во старо време воопшто немало жени, па затоа и ги нема во историските учебници. Имало мажи и голем број од нив биле генијалци", или преку пародизираните натписи на оние везени крпи, кои во нејзината верзија велат - „Толку ми е досадно“! Сепак, некако ни е криво што не знаеме барем да веземе како нив, за статијава наместо во пиксели да ви ја направевме во „крвчиња“.