Според љубовницата што Бајрон ја откачил, лејди Керолин Лемб, тој бил „луд, лош и опасен“. Но истражувањето на Антони Пити (Antony Peattie) кое неодамна излезе под наслов „Приватниот живот на лорд Бајрон“ покажува дека ниту една од овие карактеристики не држат - неговата наводна паганска промискуитетност била засенета од строгото калвинистичко воспитување, а да го познаваш овој човек чии очи според Колериџ биле „отворени порти кон сонцето“ не само што не било опасно, туку и задоволство.
Биографијата почнува со анегдота во врска со тинејџерските години на Бајрон, која ја отсликува психолошката комплексност на неговата личност. На некоја вечер посветена на аматерскиот театар, тој најпрвин глумел во трагична мелодрама, а веднаш потоа во комедија. Во првата играл мизантроп, а во другата безгрижен „денди“. Во себе можел да ги пронајде и едниот и другиот сензибилитет, можеби токму затоа што ги поседувал.
Сепак, можеби митот за неговата грешност се должи не на неговиот реален начин на живот, туку на ликовите кои тој ги измислил, а кои неговите обожаватели ги сфаќале автобиографски. Последен од нив е Дон Жуан од комичниот еп потпишан од Бајрон, кој сепак не може да се мери со богохулниот заводник во Моцартовата опера „Дон Џовани“.
Овие контрадикторности според биографот укажуваат на длабоко незадоволство од себеси кои постоеле под гламурот и лежерноста на поетот. И ова не се однесува само на душевната туку и на физичката состојба - Бајрон од раѓање имал дефект на десното стопало, што го припишувал на тоа што мајка му во текот на бременоста носела корсет, кого одбивала да го соблече дури и на пораѓањето. Имал и склоност кон прекумерна дебелина (исто од мајка му). Заради последново имал бизарна навика (за која пишувавме тука) да потпивнува оцет секогаш кога ќе му се пријадело, за да му се одјаде.
Како јавна личност сепак не смеел да си дозволи несигурност. Кога се сретнал со Али Паша Јанински се облекол во албанска народна носија, сосе меч. Кога тргнал да се бори во грчката војна за независност, нарачал борбен шлем направен според древногрчки прототип и позирал за слика со него облечен во тартан што требало да асоцира на воените херои од романите на Валтер Скот. Умрел пред воопшто да има шанса да се бори, но барем ги собрал потребните реквизити.
Неговите фанови пак се тепале за каков било предмет кој му припаѓал. Една од фотографиите во книгата прикажува кошула која тој ја носел, сега во сопственост на приватен колекционер. Негова љубовница пак чувала парче кожа која му ја излупила откако тој изгорел од сонце. Сите сакале парче од Бајрон, а тој пак бил среќен да се раздава себеси.