Прирачник за виртуелни патувања, од средниот век

Не се секирајте ако не можете да појдете во странство ова лето. Има и други начини човек да се одлепи од својата физичка околина и да појде на далечни патувања.

Едно студено јануарско утро во 1417, сестра Труде Шутен од манастир во Холандија замолила друга калуѓерка да појдат на аџилак кон Рим. Ако тргнат веднаш, рекла Труде, би можеле да стигнат таму на празникот на Св. Агнеса, заштитничката на девиците, на 21 јануари.

Сестра Гертруда се премислувала. Неколку години претходно таа го имала поминато истиот пат и знаела колку е тежок. Се секирала дека нејзиното нарушено здравје ќе им направи проблем и дека можат да заглават некаде по пат. На крајот, Труде се поздравила со нејзината пријателка и две недели подоцна пристигнала на прославата. Оваа приказна можеби нема ништо да му значи на модерниот читател, да не е еден детал: ниту една од калуѓерките всушност не го напуштила манастирот.

Како што е опишано во книгата „Виртуелни аџилаци во манастирот“ на Кетрин Руди, Труде и Гертруда не биле единствените кои патувале на овој начин. Почнавме да размислуваме за виртуелниот туризам како за феномен на пандемијата, предизвикан од комбинација на ограничувања на движењето и технологијата која овозможува симулација на доживувањето. Но за една калуѓерка во средниот век условите не биле толку различни. Светот вон манастирот бил сметан за премногу опасен за деликатните души на посветените вернички, а истовремено бил и премногу скап. Сепак, калуѓерките имале пристап до технологија која им овозможувала на далечина да го доживеат светот: книгите.

Дневниците на аџиите биле еден од најпопуларните книжевни трендови во Европа од 15 век. Патниците (главно мажи) кои ги посетиле најсветите места на христијанството детално ги опишувале своите патувања, и како водич за идните аџии и како форма на средовековно фалење со сопствените доблести.

Овие писанија на почеток циркулирале како ракописи. Но по изумувањето на печатарската преса, во средината на 15 век, во нив можела да ужива поширока публика. Некои водичи биле печатени во десетици примероци, а дестинациите за коишто зборувале варирале од мали храмови низ Европа, до светите градови Ерусалим и Рим.

Сепак, калуѓерките правеле повеќе отколку само да ги читаат овие дневници: тие тргнувале на замислени патувања преку нив. Ги шпартале своите ќелии, правејќи го истиот број чекори како и патниците до светите места (мерки кои авторите ги вметнувале во своите дневници, делумно за да докажат дека навистина биле таму). Калуѓерките опишувале дека на овој начин се чувствуваат пренесени, и физички и ментално, на светите места кои ги „посетувале“.

Во сето ова помагале и обреди и помошни средства. Освен дневниците, тие користеле прирачници полни со репетитивни молитви, кои требало да произведат состојба на медитација - исчезнување на непосредната физичка околина. Тие содржеле и графики кои претставувале измачувања и жртви, дизајнирани така за читателот да навлезе во соодветната емотивна состојба за секоја фаза од аџилакот. Некои книги се обидувале да понудат и симулација на физичкото искуство да се биде присутен на секоја локација, покажувајќи му на читателот црква, потоа порта од црквата, па нејзината внатрешност, како фрејмови од примитивна компјутерска игрица.

Најпопуларниот виртуелен аџилак била Виа Долороса во Ерусалим, патот по кој Исус го влечел крстот како што бил воден од судењето до распнувањето. Во 1516 Турците Османлии го освоиле Ерусалим, што значело дека мал број Европејци можеле да патуваат таму. Ова го проширило пазарот за литература поврзана со духовните богатства на градот, кои на овој начин можеле да се доживеат на далечина. Овој имагинарен Ерусалим бил толку популарен што кога Томас Кук, основачот на истоимената патничка агенција, почнал да носи туристи таму во 19 век, голем број од нив биле разочарани од вистинската слика.

Книгите содржеле упатства не само за движењето туку и за начинот на кој верникот треба да се чувствува. „Тука твоето внатрешно око треба да падне на распнатиот, крвав, гол Исус“, велел еден совет. Друг ги повикувал читателите да се стават на местото на Исус и да ги замислат „огромните маки кои ги имаш додека го носиш тешкиот товар на крстот“. Сликите вклучувале претстави на Христовите рани во размер 1:1, пресметки за прецизната бројка солзи кои тој ги пролеал (72,000) и капки протечена крв (546,000).

Сепак, голем број нешта биле оставени на имагинацијата на читателот. Токму во тоа се состоела предноста на овие виртуелни тури, кои се одвивале помеѓу ѕидовите на средовековните манастири.

извор

28 јули 2021 - 07:46