Браќата Ангуло четиринаесет години речиси никогаш не излегле надвор од нивниот стан во њујоршкиот Лоуер ист сајд. Татко им не само што не им дозволувал каков било контакт со надворешниот свет, туку наметнувал и други строги правила - никој не смеел да ја сече косата, не смеело да се влегува во собите кои граничат со оние на комшиите, мајката морала да ги подучува синовите дома наместо тие да одат на школо.
Децата добивале санскритски имиња, заради некогашното членство на родителите во некаква Харе-кришна дружина. Мајката Сузан, го запознала мажот ѝ Оскар во Перу, кога тој бил водич на нивната туристичка група. Ги добиле првите 3-4 деца живеејќи во комуни и во комбиња, за потоа да се преселат во Њујорк. Од тој момент веќе не помирисале свеж воздух - живееле од социјална помош и престанале да одржуваат контакт со роднините.
Сето ова е раскажано во документарецот „Глутница" (Wolfpack) на Кристал Мозел кој ја доби главната награда за документарец од жирито на Санденс минатата година. Сега излезе и книгата на Дан Мартенсен, „Волците како нас" која ја раскажува приказната за ова семејство низ фотографии.
И филмот и книгата се фокусираат на еден важен аспект на заложништвото на момчињата, кој всушност им го спасил животот - гледањето филмови. Тие тврдат дека во текот на годините имаат изгледано илјадници филмови, но тоа и не е најинтересното. Рачно ги запишувале сите изговорени реплики, правејќи посебни тетратки за секој од нив, потоа ги учеле на памет, и со домашни реквизити (рачно правени маски, шминки) правеле претстави чија публика биле самите тие.
Од „Граѓанинот Кејн" преку Бетмен и филмовите на Тарантино, нивните ре-креации се точни до запирка, а споредени со оригиналите и визуелно многу слични. Тие самите се снимале со рачна камера, а на снимките се забележани и прославите на родендените на нивните филмски идоли, коишто ги славеле место Нови години и други „недозволени" празници.
Но кога највозрасниот наполнил 18 години работата дошла до точка на вриење. Иако во филмот и во интервјуата не се спомнува физичко насилство, и заточеништвото било доволно „физичко" за да мора да се преземе нешто. Еден од синовите, чие име Мукунда значи „Ослободител", користи момент на невнимание на таткото и бега од станот. Не знае ни како му се вика улицата, а на себе носи маска на Мајкл Мајерс од „Хелоуин". Без некој посебен план талка низ квартот додека не го собере полицијата која мисли дека е психички лабилен и го носи во болница.
И тука би очекувале дека одеднаш во станот ќе упаднат социјални служби и ќе ги ослободат децата од јаремот на таткото. Иако такво нешто не се случува, кога Макунда се враќа дома ситуацијата е сменета - сега таткото се затворил во соба и одбегнува секаков контакт, а децата заедно со мајката ја преземаат власта. Почнуваат да излегуваат и да го истражуваат градот, обидувајќи се да надоместат за пропуштеното време. Првиот човек со кого се спријателуваат е токму режисерката на документарецот, која е и првата којашто некогаш влегла во станот.
Денес, пет години од „превратот" двајца од браќата ја имаат ишишано косата, еден од нив работи како снимател, друг како асистент на продукција, трет има девојка, а мајката има воспоставено контакт со сопствената мајка по 23 години молк.
Во целата приказна има за нас неколку интересни моменти:
- После сето ова Оскар и Сузан сè уште се маж и жена и живеат заедно со пет од децата
- Како тоа соседите никогаш не забележале дека во станот до нив живеат 6 (шест) деца и никому не пријавиле?
- И покрај социјалната изолираност некои од децата се прилично екстровертни и неверојатно елоквентни, со истенчен филмски вкус.
Мотивот на таткото да ги држи децата затворени бил „да не бидат контаминирани од дроги или религии или филозофија туку да научат кои се". А она што тие го сфатиле како главна разлика помеѓу филмовите и реалниот живот е дека овој вториов е многу побавен (читај: поздодевен), и за него нема однапред подготвено сценарио. Сега имаат шанса да си го напишат своето.