Роден 1883, Oливер Наполеон Хил во триесетите на минатиот век постигнал огромна слава со наслови кои денес би ги опишале како книги од областа на популарната психологија, односно на жанрот „самопомош“. Автор е на книгата „Мисли и стани богат“ од 1937, која спаѓа во 10-те најдобро продавани книги од овој тип на сите времиња. Но и покрај ова, или можеби токму во склоп за напорите самиот да си помогне во постигнување на слава, тој бил и еден од најпознатите измамници на сите времиња.
Интересот за Наполеон Хил ни го поттикна статија на Open Culture под наслов „10 правила за самодисциплина од гуруто од 1930, Наполеон Хил“. И покрај пофалните зборови за делото на овој бизнис и животен советник, авторот на статијата чувствува потреба да нè предупреди во врска со „матната страна“ на ликот на Хил и упатува на детален текст на оваа тема. Така, наместо да прочитаме 10 брзи совети, заглавивме во читање биографија на еден комплексен и интересен карактер, нешто помеѓу новинар, аматер-психолог, актер и обичен криминалец.
Сајтот на Фондацијата Наполеон Хил, како и неговата официјална биографија објавена во 1995, укажува на голем број негови постигнувања, меѓу кои некои се неспорни - неговите книги „Закон на успехот“ (1928), „Магичните скалила до успехот“ (1930) и „Мисли и стани богат“ (1937) помогнале да се воспостави посебен жанр кој можеби токму денес го доживува својот „пик“, а од Хил во современи термини прави успешен животен советник или мотивациски говорник. Но истовремено, да е жив, тој сигурно би се соочил со куп обвинувања или би бил бојкотиран поради своите однесувања и сомнителни „шеми“.
На пример, споменатите извори тврдат дека тој бил советник на двајца претседатели: Вудроу Вилсон и Френклин Рузвелт, а Хил дури го присвојувал авторството на славната изрека на последниов: „Единственото нешто од што треба да се плашиме е самиот страв“.
Всушност нема никакви докази дека тој воопшто се сретнал со двајцата претседатели, а не па да бил нивен советник. Има малку докази дека Хил воопшто се сретнал со која и да било славна личност за која тврдел дека му била инспирација, освен со Томас Едисон. Но за тоа подоцна.
Најпознатото тврдење на Хил било дека во 1908 детално го интервјуирал индустријалецот Ендрју Карнеги - најбогатиот човек во тоа време во светот. Хил велел дека Карнеги му дал задача да ги интервјуира најуспешните бизнисмени и да ги научи тајните на нивниот успех (меѓу нив Хенри Форд и Александар Греам Бел), и притоа се согласил да биде првиот на листата, поминувајќи цел викенд со Хил во својата вила со 64 соби во Њујорк. Но било необично што Хил ја раскажал оваа приказна дури откако Карнеги умрел во 1919. Тој поминал цела деценија „гребејќи“ се од оваа сторија, па дури и напишал цела книга со опширни описи на неговите разговори со Карнеги. Таа била објавена како „Обмисли го својот пат до богаството“ во 1948, потоа во 1953 под „Како да си ја зголемиш својата плата“, а денес Фондацијата ја објавува под името „Мудроста на Ендрју Карнеги раскажана од Наполеон Хил“.
Целата книга всушност се куп измислици кои требало да му обезбедат авторитет на Хил, и секако комерцијален успех. На крајот на краиштата, точно она што го проповедал.
Но тој бил замешан и во куп други измами, не само поврзани со „интелектуална“ работа. Еден од најраните „проекти“ му бил тоа што купил огревно дрво на кредит, никогаш не го платил а потоа го продавал за готовина по цена многу пониска од пазарната. Целиот понатамошен живот му се состоел од „себеизмислување“ - трансформирање на својата личност и идеи така за тие да бидат привлечни, и да се продаваат.
Што е за право, Хил се обидел и во легитимен бизнис, како ко-сопственик на компанија за слатки, или издавач на списание. Но секој пат тоа завршувало неславно, со долгови од кои бегал или со нечии туѓи пропаднати пари. Неговите биографи и фанови велат дека ова се должело на „наивната“ природа на нивниот миленик или дека околу него секогаш постоеле злобници кои сакале да го искористат. Но отпечатоците на Хил се наоѓаат не само на фалсификувани чекови или украдени дрва, туку и на зародишот на огромна индустрија на бизнис и духовни гуруа како Тони Робинс или Дипак Чопра. Делата на Хил имале огромно влијание и врз водачите на американскиот капитализам и вербата во американскиот сон.
Она што не може да му се одрече е талентот за раскажување приказни и говорништво. Обата талента веројатно му помогнале и во односот со жените - бил женет најмалку пет пати, иако во официјалните верзии се наведуваат два или три брака. На 17 завршил средно школо и се запишал на студии по бизнис. Бил најмен од Руфуј Ајрес, пребогат бизнисмен кој тргувал со јаглен и човек на висока политичка функција. Ајрес бил импресиониран од Хил и неговата појава на „млад егзекутивец“, со беспрекорно испеглани кошули и бели марамчиња во предниот џеб. Изглед кој ќе му овозможи до крајот на животот да ја добива довербата на оние со кои имал работа.
Додуша некои и го прозреле и се оградиле од тоа да бидат видени или поврзувани со него. Пример за тоа е спомнатиот Едисон. Хил по секоја цена сакал да има фотографија со него, па одлучил дека ќе му даде некаква награда. Испратил гласник за да му соопшти на пронаоѓачот дека г-дин Хил, „еден од најпознатите новинари“ би сакал да биде присутен на конвенција која ја организирал Едисон. Бил поканет, и ја искористил приликата навистина да се слика со Едисон. Потоа ја проширил насекаде со текст: „Двајца славни Американци - Едисон (лево) и Наполеон Хил. Едисон се родил во сиромашно семејство и ја почнал кариерата како продавач во воз, а Хил како рудар во ископи на јаглен. Обајцата стекнале слава само врз основа на сопствените напори.“ Во тек на средбата Хил му дал на Едисон некаков орден за постигнувања, но овој наводно во друга прилика му го вратил, без коментар.
Сепак, најматниот дел од приказната има врска со замешаност на Хил во убиство на Доналд Мелет, издавач на весници од Кантон, Охајо, кој известувал за корупција на полицијата во својот весник Кантон дејли њуз. Секако, со самиот факт дека се борел за правда во време кога во малиот град (и не само таму) царувал организираниот криминал, весникот немал многу претплатници, а самиот Мелет бил под огромен притисок. Не поминала ни година по неговите први критички написи кога тој бил најден мртов пред својата гаража, на 16 јули 1926. Сторијата станала национален скандал, а Хил кој во тоа време бил на турнеја низ Охајо побрзал да го фати бранот на популарноста на темата. Изјавил дека Мелет му бил пријател и обожавател, и дека токму пред трагедијата имал собрано 50,000 долари за да му објави книга во осум тома на Хил на тема успех и како да го постигнеш. И не само тоа, туку и дека поради пријателството со Мелет и самиот бил изложен на закани.
Поради ваквите изјави за поврзаноста со Мелет тој навистина бил повикан на судски сведочења во врска со политичката и полициската корумпираност и поврзаноста на Ку Клукс Кланот со политичарите. Но на новинарите од Асошијетед прес (октомври 1926) им се видело необично што Хил сведочи против членовите на ККК, со оглед на тоа што овој предавач „имал договор со нив“, кој подразбирал држење мотивациски говори на нивните членови.
Не е ни чудо што после ова Хил морал навистина да се крие - живеел во шумите на западна Вирџинија цела 1927, гладен и осамен. Од кого се криел? Веројатно од сите - од мафијата, ККК, полицијата, политичарите. Можеби и од уште некој лут клиент.
Во 1928 излегол од самонаметнатиот егзил и почнал да работи на овој пат реалното објавување на неговите дела. Парите почнале да пристигнуваат, иако не доволно за неговиот декадентен начин на живот. Купил огромен имот кој сакал да го претвори во прв „Универзитет за успех“. Сепак, да се даваат совети за бизнис во времето на големата депресија од 1930-тите било невозможно. Хил променил многу стратегии - од тоа да снима филм, до објавување на мотивациски списанија под плаштот на неговото „Меѓународно здружение за успех“. И токму тука доаѓа епизодата со Рузвелт, кога во 1933 тој наводно го повикал за да помогне во подигнувањето на довербата во американската економија. Иако нивните политички стојалишта биле сосема различни (Хил бил непоправлив конзервативец) нивната наводна соработка била плодна, а идеите на Хил биле вклучени во програмата Њу Дил. За ова Хил наводно наплатил само еден долар годишно - работел од патриотски и хумани причини. Што е малку чудно со оглед на тоа што во овој период тој немал скршен цент. Докази за неговата врска со Рузвелт нема освен во написите на самиот Хил. А долгите периоди на сиромаштија во текот на животот не го спречиле во подоцнежни говори да тврди дека станал милионер до својата 21 година.
Но дали сето ова одземаат од корисноста на неговите 10 правила за самодисциплина? Просудете сами:
1. Биди ладнокрвен во вжештени околности.
2. Верувај дека има три страни на секоја приказна.
3. Никогаш не давај наредби на подреден кога си лут.
4. Третирај ги сите како да се богат роднина кој може да ти остави значајно наследство.
5. Кога ќе се најдеш во непријатни околности, веднаш барај го семето на корисност од искуството.
6. Прашувај и слушај го одговорот. Ако не се согласуваш со она што ќе го чуеш, искористи ја фразата „Како го знаеш тоа?“ за да ја префрлиш тежината на соговорникот.
7. Никогаш не прави или не вели нешто пред да помислиш на користта или на болката која можеш некому да му ги нанесеш.
8. Научи ја разликата помеѓу пријателска анализа и непријателска критика.
9. Добриот водач знае како да прими наредба.
10. Биди толерантен кон другите луѓе.