Премиерата на долго очекуваното продолжение на „Аватар“, филмот со најголема заработувачка во историјата, се случи минатиот викенд. Иако може да се гледа и како засебно дело, и продолжението е поврзано со замислениот експеримент од средина на 22-иот век, кој им овозможува на астробиолозите да населат други тела, клонирани верзии на издолжени, сини интелигентни видови кои се домородни за егзопланетата Пандора. Таа е исто така извор на скапоцен метал чие име делува како да го измислил самиот Камерон - „анобтаниум“.
Но вистината е малку поинаква. „Недобивливиот“ елемент навистина не е физичка супстанца како бакар или алуминиум, но сепак е концепт во инженерството кој датира од 1950-тите.
Во книгата „Главен инженер: историја на аеронаутичката лабораторија Ленгли, 1917-1958“, авторот Џејмс Р. Хансен ја документира употребата на терминот во архивски материјали од 1957. Тој е поврзан со тогашен недостаток на материјал кој може да издржи многу високи температури, а кој вработените во Ленгли го нарекувале „анобтениум“. Зборот станал генеричка ознака за каков и да е непознат материјал кој би имал својства кои им се потребни на дизајнерите, општо место за кое упатените знаат што означува.
Корисноста на овој елемент во филмот се состои во енергијата што тој ја обезбедува, а што се вклопува во дискусиите за рударењето астероиди па дури и на Месечината. За ова да биде исплатливо, мора да постои некоја супстанца која е неверојатно вредна за таквиот потфат. Оваа идеја е вградена во второ, поврзано но малку поинакво значење на анобтениумот - да се опише супстанца која реално постои, но е „толку скапа или ограничена во квантитет што е речиси исто како да ја нема“.
Аватар не е првиот научно-фантастичен филм кој го истражува огромниот потенцијал на овој елемент. „Јадрото“ (The Core), филм од пред шест години, го користи терминот за супстанца за конструирање дупчалка до средиштето до земјата.
Неговата употреба од страна на Камерон не зачудува, ако се земе предвид дека тој дизајнира подморници, измислува нови типови камери и пред две години стана првиот човек во историјата кој успеа со самостојно нуркање да дојде до најдлабоката точка во океанот.