За сатиричкиот гениј и општествен коментатор Карл Краус (1874-1936), пишувавме претходно кога Џонатан Франзен го објави „Проектот Краус“, негов превод на три најпознати есеи на австрискиот „хејтер“. Краус бил човек за кого велат дека бил поврзан со вистинските пријатели, и знаел да ги создаде вистинските непријатели. Инаетчија, тој влијателното списание „Факел“ кое го уредувал од 1899 до смртта, понекогаш го пишувал сосема сам, а некои негови изданија имале и по 300 страници.
Имал број обожаватели помеѓу тогашната интелектуална елита - Фројд му пишувал писма со пофалби, иако Краус подоцна во животот ја критикувал психоанализата велејќи дека е „менталната болест за којашто самата тврди дека ја лечи“. Модернистичкиот архитект Адолф Лос ги дизајнирал елегантните насловни на книгите на Краус, а експресионистот Оскар Кокошка илустрирал еден негов апокалиптичен есеј со литографија на „зомбиња“ кои ја освојуваат Европа. Нобеловецот Елиас Канети (кој пишувал на германски, живеел во Британија а е роден во Русе, Бугарија) велел дека не се сомневал во ниту еден збор што овој го напишал: „Само во Краус можеше да се најде правдината, или попрецизно, тој беше правдата“.
Но Краус зад себе има оставено и една монументална драма, која неодамна конечно беше преведена на англиски, „Последните денови на човештвото“ е посветена на Првата светска војна, и пишувана за време на нејзиното крваво одвивање. На повеќе од 600 страници и со над 500 ликови, таа е објавена во 1922. Во 2016 беше интегрално преведена на англиски, и тоа во две верзии - едната на тежок даблински говор, а вториот во поформална верзија, објавен од Јеил Универзити Прес. Според авторот таа требала да се игра 10 ноќи во „земно време“, но во театар на Марс, за Марсовците да научат нешто од спектаклот, за примитивната зоологија и за најнасилното суштество во универзумот - човекот.
Хаотичноста на нарацијата има точно одредена цел: да се отслика општествениот хаос, алчноста на империјалните сили и заглупувањето на населението преку користење на официјален и полуофицијален дискурс, сведувајќи ги животните прашања на бесмислици изговорени како формули (истоветните предвидувања на Орвел, многу пред него?).
Она што денес претставува најдолгата драма на сите времиња е истовремено и фикционализирано покривање „во живо“ на она што се случувало во текот на војната, којашто требало да им стави крај на сите војни. Во 2014, на 100-годишниот јубилеј, е објавена во форма на графичка новела. На театарската сцена, пак, до сега се поставувани скратени верзии од неа (на пример во Бристолскиот Олд Вик). Но можеби ќе дочекаме да се постави интегрално. На Марс или на некоја друга, подобра Земја.