Продуцентката и куратор Саксија Вилсон-Браун и тим од 13 уметници направиле претстава во која неколку стотина луѓе од публиката „патуваат" од Лос Анџелес до Јапонија преку само неколку ароми. „Јапонија во шеесет минути, одново посетена" е шоу кое симулира патување до Токио - од аеродромот до првите моменти на сон во хотелска соба која гледа на Пацификот - преку парфеми и амбиентална музика.
Претставата се одржува во Музејот Хамер во Л.А. а премиерата беше овој викенд. Публиката наместо да патува 12 часа до Јапонија седи во салата со превез преку очите, користејќи ги носевите како компас.
„Мирисот е едно од сетилата чиј потенцијал се уште не е доволно испитан", вели Вилсон-Браун, која е основач на Институтот за уметност и мирис, формиран 2012 за да им обезбеди на уметноста и науката на аромите “поширока платформа отколку полиците во парфимериите".
Инспирација за ова шоу додуша таа нашла во подалечното минато - во 1902 еден њујоршки уметник и „голем ексцентрик" по име Садакичи Хартман (на сликата) го вовел концептот испраќајќи ја публиката на „патување“ од њујоршкото пристаниште, само преку мириси. Неговиот план бил да направи прв јавен концерт на ароми, и тоа под истиот наслов - „Патување до Јапонија за шеесет минути". За жал обидот пропаднал, бидејќи во салата каде вообичаено се прикажувале комедии, Burlesque house во Њујорк, публиката реагирала со гласни извици на неодобрување кога тој ги пуштил првите мириси од сцената, опкружен со костимирани гејши.
Токму неуспехот на Хартман пред еден век ја мотивирало Вилсон-Браун и нејзините соработници да ја исправат работата. Тоа што сега се располага со посовремени технолошки помагала секако е предност. Парфемите кои „глумат" во претставата често се прилично суптилни - публиката на пример може да почувствува мирисни траги од камион за сладолед кој минува по улиците на Лос Анџелес.Но најсложеното е начинот на кој мирисите се распрскуваат кон публиката. Додека Хартман користел рачен вентилатор кој не бил многу ефикасен, Вилсон-Браун најмила дизајнерска фирма која направила „машина за распрскување" од 3,000 долари - монструозна апаратура која се состои од челични столбови, пластични цевки и пумпи и други делови. Парфемите се ставаат во машината и атоматски се распрскуваат на специфични интервали во текот на шоуто.