Пред Граѓанската војна и печатењето на првите зелени долари, стотици локални банки издавале илјадници видови валути, со огромни варијации во нивните имиња и дизајни. Иако биле пари кои ги печателе самите банки, тие де факто станала валута на земјата.
Зошто имало потреба од алтернативни валути? Пред Американската револуција, значи од средината на 18 век, Британија не испраќала доволно бакарни и сребрени парички со помала вредност, па колониите не можеле да излезат во пресрет на локалните потреби. Така, колонијалните банки и штедилници издавале чекови со вредност под 20 шилинзи. Ковањето парички останало ограничено и длабоко во 19 век, па банките тука ја виделе својата шанса. Откупувале злато и за возврат издавале банкарски новчаници, некои од нив и во мала вредност.
Секако, овие не се користеле географски далеку од банката која ги издавала. Трговците лоцирани подалеку ги прифаќале но со намалена вредност од реалната, или воопшто не ги сметале за валидни. За да ги промовираат, некои банки вложувале дополнителен напор за ширење на својата мрежа експозитури.
Купувачите и продавачите морале многу да внимаваат кои новчаници ќе ги користат. Требало да знаат како стои одредена банка во моментот и дали долгорочно ќе издржи со работа. Ако некоја од нив пропаднела, тоа веднаш значело дека и валутата ќе станела безвредна. Трговците и потрошувачите често користеле „брокери“, кои биле во тек со квалитетот на банкнотите (oд тука и самото име).
Уште една опасност било фалсификувањето. Исто како и денес владите на државите, и банките тогаш вложувале голем напор да ги направат своите новчаници тешки за копирање, користејќи водени жигови, гравури и специфични слики. Токму ова довело до изумување на нов процес наречен „сидерографија“, кој им овозможувал на печатарите да мешаат и да спојуваат различни дизајнерски елементи. Еден од нив бил изразот „ветуваме дека ќе биде исплатено“, кој стоел на секоја новчаница како гаранција за нејзината валидност.
Помеѓу најчестите слики кои се користеле биле фабрики и работници (на северот) и робови (на југот). Некои банки користеле и понеобични елементи, како сцени од класична митологија.
По Граѓанската војна Конгресот ставил крај на печатењето банкарски новчаници. Парите од хартија кои ги создала владата биле многу поедноставни за користење од оние од 19 век, а како што изгледа, и од криптовалутите на 21-иот.