„Куле вампе“ е берлински жаргон за празен стомак - буквален опис на тоа како живеела Германија на почетокот на 1930-тите. Токму тоа е и наслов на филм со поднаслов „Кому му припаѓа светот?“, снимен во 1932, според сценарио на Бертолд Бретх и режија на бугарскиот имигрант Слатан (можеби Златан?) Дудов.
За него дознавме од напис во хрватскиот Јутарњи лист, каде коментаторот се исчудува што го начекал на ХРТ3, нарекувајќи го „вистински бисер“. И навистина, неговата содржина и социјална критика се актуелни и денес.
Приказната е следна: семејството Бенике се собира околу „ручекот“ - тенка супа - во депресивна атмосфера. Главата на семејството ги чита дневните вести, за огромниот број невработени и укинувањето на социјалната помош за најзагрозените. Единствената вработена е ќерката Ана, но братот Курт, иако со точак ги обиколува местата каде би можел да најде некаков ангажман, тој ден нема среќа. Очаен, го вади рачниот часовник од раката - веројатно единственото вредно што го има - и се фрла од прозорец.
Но ова е само почеток на маките. Наскоро тие добиваат известување дека поради пропуштени ќирии ќе мораат да го напуштат станот. Организацијата чиј дел е Ана (делува како мешавина на спортско-левичарско здружение) му помага на семејството да се пресели во Куле Вампе - некогашна реална населба во близина на Берлин каде сиромаштијата живее како во комуна, под шатори. Тука Ана се зближува со водачот на заедницата и затруднува. Свадба и дете во такви околности никому од нив не му одговара, па Ана кога ќе сфати дека му е товар, го напушта.
Најинтересна е последната сцена, режирана од самиот Брехт, во која патници во преполно купе дискутираат за одлуката на бразилската влада да уништи стотици тони кафе, за да ја одржи цената на овој производ на светскиот пазар. Иако се сите во иста „каша“, во групата веднаш се издвојуваат оние кои се згрозуваат од идејата сосема исправно кафе да се фрла за некој да се богати на она што ќе остане, други ја рационализираат идејата, а трети се опседнати со самата математика без да размислуваат за етичките последици. Кога ќе излезат од возот сите пеат „Напред!“, но се снимани од назад, што е спротивно на вообичаените ентузијастични сцени на револуционерност и напредок - не им ги гледаме лицата на „протестантите“, туку само како заминуваат во некое неодредено „напред“, во неизвесната иднина.
Филмот е продуциран од Прометеус Филм, германска експозитура на советската фирма Межрабпомфилм. Тој доживеал дури три цензурирања, за што е снимен посебен документарец во 1975. Причината не е само левичарската содржина на филмот, туку и самите имиња кои се вклучени во него, познати активисти. Главната актерка, на пример, дури и во времето на Третиот рајх продолжила да снима контроверзни филмови (како „Ана и Елизабета“ со лезбејски теми). Кога Гебелс ја повикал да се насочи кон национал-социјалистички теми дрско му одговорила дека не сака да работи „како што дува ветерот“. Емигрирала во Швајцарија, па по долга пауза продолжила да работи во Источна Германија. Слатан Дудов, пак, во 1933 емигрирал во Швајцарија а по војната исто така во Источна Германија, каде ја продолжил филмската кариера.
Целиот филм со англиски титл може да се види тука, иако не е со висок технички квалитет.