Шемата „ќелав-со коса“ во руската историја на владетели прв пат почнала да се забележува откако Николај Први се искачил на тронот во 1825. Тој бил веќе проќелав, но неговиот син, идниот цар Александар Втори, имал коса. Наследникот пак на Александар, неговиот син Александар Трети, бил ќелав, а пак оној по него, Николај Втори, повторно имал коса!
Како што Руската империја се распаѓала, на „тронот“ почнале да доаѓаат нови советски лидери, не татковци и синови. Но дури и во оваа генетски неповрзана линија необичната шема продолжила. Случајноста се повторувала толку пати што станала некој вид правило и историски парадокс кој ќе трае до првиот случај кога ќе биде (ако биде) прекршен.
Николај бил последниот цар (со коса), додека Ленин бил првиот болшевички водач (ќелав). Но дури и помеѓу нив имало помалку познати владетели (како надвојводата Михаил Александрович - брат на Николај Втори и принцот Георги Л'вов) чија замена го потврдувала правилото. Во советско време истото се повторувало кога станувало збор за генералните секретари на ЦК на КП на СССР - вистинските лидери на советската држава. Првиот по Ленин бил Сталин, кој имал коса. По смртта на Сталин во март 1953 тој не оставил формален наследник, но во еден период главниот на Државната бебедност, Лаврентиј Берија, имал најмногу моќ. И бил ќелав.
На 26 јуни 1953 Берија е уапсен, суден и погубен, а Георги Маленков (со коса) станал лидер на кратко. Во септември истата година Никита Хрушчов станува Генерален секретар на ЦК - ќелав.
Бизарната коинциденција продолжила со Леонид Брежњев (коса) и Јуриј Андропов (без коса), Константин Черњенко (коса) и Михаил Горбачов (без).
Дури и по сеизмичките промени во Русија околу 1991, мистериозната шема опстоила. Во август 1991 Горбачов (ќелав) бил заменет од Генадиј Јанаев (со коса), тогаш единствениот потпретседател на СССР. По 21 август 1991, ќелавиот Горбачов повторно ја презел власта, но во декември истаста година СССР се распаѓа и Борис Јелцин со својата железно-сива „грива“ доаѓа на власт. Единствениот ден кога Јелцин отстапил од својата позиција било на еден ден, од 5-6 ноември 1996, кога морал да оди на операција на срце. Со посебна наредба тој за заменик го назначил Виктор Черномирдин, тогаш премиер, кој бил - ќелав. Следниот ден по успешната операција Јелцин (на кого не му фалело ни влакно од главата) се вратил на претседателската функција.
Путин, кој бил избран за претседател по Јелцин, веќе бил ќелав до тоа време. Медведев (со коса) го зазел неговото место, пред Путин повторно да биде избран на позицијата во 2012, но тогаш веќе со уште помалку коса. Ова значи дека од 1825, немало исклучоци на ова необично „космато-ќелаво“ правило. Математичката веројатност за тоа да трае повеќе од 13 „колена“ е помалку од 0.00025. Дали ќе продолжи и по Путин, останува да видиме.
Слики од „паровите“ наследници тука