Древните епови, помеѓу другото, се сведоштва за значењето на човечката заедница и обредите кои ја одржуваат. Сите оние по малку досадни делови од „Илијадата“, на пример, каде Хомер ги набројува загубените грчки бродови, кој од нив колку чинел и кои ги испратил, или имињата на мртвите и како тие умреле, стануваат значајни кога ќе се земе предвид логиката на ваквото набројување - секоја смрт, секој уништен имот, значи загуба за заедницата. Нештата кои не спојуваат се кршливи и ранливи, и важно е тие да се зачуваат, поучува епот.
Во тој дух на заедништво, оваа книга е полна со сцени во кои старогрчките трупи обележуваат настани од општествено и религиско значење со правење гозби и пиење вино. Од нив може да се црпат и цели рецепти за подготвување на храната. Така, Хомер вклучува голем број технички детали за сечење на месото и негово подготвување. На пример јагнешкото месо се одделува од бутната коска а потоа се замотува во сало. Парчиња чисто месо се маринирани во вино, а потоа печени над оган. Постојат стихови кои опишуваат како самиот Ахил фрла тешка цепаница во огнот а потоа пече овчо, козјо и прасечко месо намачкано со маст. Ваквите меса биле наденувани на стапчиња, а потоа засолувани и сервирани со леб.
Валери Стиверс во рубрика под наслов „Изеди ги своите зборови“ во The Paris Review и практично се обидува да ги ре-креира овие рецепти со современи состојки. И секако, не го заборавила виното, кое го барала низ Њујорк за да биде органско и произведено со попримитивна технологија, а географски од „древна Тракија, која можеби ја вклучувала денешна Бугарија и делови од Источна Европа“. Немало да згреши да земе и некое македонско...