Уметниците имаат четки и платно, дрводелците имаат длета и дрво - за математичарите занаетчиските алатки долго време беа таблата и тенкото цилиндрично парче креда (по можност од брендот Хагоромо, култниот јапонски бренд кој бавно се троши и не создава прашина). Сè додека на некого не му текна да почне да ги заменува со „паметни“ технологии.
„Таблите се нивните домови, нивните лаборатории, нивните приватни места за размислување“, пишува фотографката Џесика Вајн во воведот на нејзината фото-монографија „Не бриши: математичарите и нивните табли“. Новата книга содржи 110 слики од „дела“ на математичари низ целиот свет, придружени со нивните размислувања за таблите со креда како медиум.
Проектот бил инспириран од дружењето на авторката со брачен пар математичари од Универзитетот во Чикаго, кои ѝ се соседи во викендица на Кејп Код. Едно попладне Вајн ги гледала како наведнати над парче хартија дискутираат за симболи, цртежи и формули кои таа не ги разбирала. Тоа ја потсетило на нејзина серија фотографии од Џаипур, Индија, од часови по хинди, со знаци испишани на табли во локалните училишта. За нејзините очи тие го имале истиот елегантен и мистичен квалитет како и формулите.
Така, таа почнала да им пишува на математичарите по различни институции близу нејзиниот дом во Њујорк, барајќи дозвола да ги слика нивните табли. Тоа можеле да бидат нови или финализирани проекти - правилото било да не пишуваат на ништо друго освен на црна или зелена табла, со креда.
Ова не значи дека во меѓувреме таа научила повеќе математика, но сфатила дека сепак постои длабока врска помеѓу нејзината уметничка работа и онаа на математичарите. „Тие имаат повишена естетска свест, специфични стилови и начини на користење на креда, исто како и визуелните уметници. Некои од формулите се интензивно хаотични, со експлозивна енергија, додека други изгледаат уредно, тивко и грижливо анализирани“, вели таа.
И покрај овие стилски разлики, таа забележала и голем број сличности, кога почнала да фотографира не само во САД туку и во Европа и Јужна Америка: математиката е иста насекаде, тоа е заеднички јазик кој укажува на универзални вистини. Таа и не морала многу да објаснува зошто се интересира за оваа тема. На математичарите им било јасно - „Да, математиката е убава“.