Фрај, Кејв, Жижек

Познатите зборуваат за неискаж...

На покана на гостите-уредници на специјално издание на New Statesman, Нил Гајман и Аманда Палмер, познати писатели, активисти и јавни личности го откриваат она што обично го оставаат неискажано. Што од немукает, што од страв, што затоа што е потребна мудрост за да се направи разлика помеѓу она за што е подобро да се молчи, и она за што мора да се зборува, па дури и да се вика. 

Teлер (половината од Пен и Телер, магионичар, писател и режисер)

Знаејќи дека почнувам да се занимавам со режија големиот Артур Пен („Бони и Клајд") ми кажа една од неговите тајни. „Чекај го моментот". Со други зборови, кога ти - како режисер - мислиш дека знаеш што точно треба да направи актерот, заќути. Само молчи и чекај. Она што ти е „очигледно" гледајќи од надвор ретко се поклопува со чудесната прогресија којашто се одвива во главата на актерот. Тогаш, кога ќе дојде вистинскиот момент, тој ќе побара совет. Но другата половина од времето тој ќе содава нешто многу подобро отколку што ти - како режисер - можеш да сонуваш. Во уметноста (за разлика од политиката), лошите идеи си умираат сами а добрите земаат залет, сè додека ја имаш мудроста да заќутиш и да чекаш.

Стивен Фрај

Помеѓу интензивно лицемерните сензибилитети на левицата од една, и бруталните морални убедувања на десницата од друга, ние притеснетите либерали се фаќаме себеси (како и секогаш) како ги кршиме нашите млечнобели прсти, посакувајќи да е поинаку. Не сакаме да навредиме, но не можеме пак цел живот да газиме по јајца.

Пример од секоја од страните. Треба да се каже вистината за геноцидното лудило на Хамас. Исто така треба да се каже вистината за неуспехот на западната „борба против дрогата". Тоа не е само тактички, туку исто така стратешки и морален неуспех.

Така, од овие повеќе или помалку случајно одбрани теми, еве две нешта кои не можат да бидат кажани. Израел има секакво право да дава отпор на преговорите со Палестина додека тие се водени од Хамас. За да се спасат животи на планетава, дрогите мора да бидат легализирани.

Знаев дека не требаше да зборувам.

* се оддалечува на прсти

Славој Жижек

Во нашиве слободоумни времиња, една нова форма на неискажливото почнува да добива централно место. Не е работата само што некои работи не смеат да се кажат - самата забрана е забранета: ние не смееме отворено да кажеме што е забрането.

Уште во сталинизмот не беше само забрането да се критикува Сталин и партијата, туку беше уште позабрането да се соопшти ваквата забрана јавно. Ако некој му довикнеше на некој критичар на Сталин: „Да не си луд? Нели знаеш дека е забрането да го правиш ова?", тој ќе завршеше во Гулаг-от дури и побрзо отколку некој отворен критичар на Сталин. Неочекувано, истото важи и за односите на доминација во нашите слободоумни пост-патријархални општества: еден модерен шеф е толерантен, тој се однесува како ваш колега, кажува мрсни вицови, ве кани на пијачка, отворено ги покажува своите маани, признавајќи дека е „само човек, како нас". Тој е длабоко навреден ако го потсетиме дека ни е шеф - сепак, самото отфрлање на експлицитниот авторитет е она што ја гарантира неговата де факто моќ.

Ова е причината зошто првиот гест на ослободување е да се натера господарот да дејствува како да е тоа: нашата одбрана тогаш е да го отфрлиме овој „топол човечки" пристап, и да инсистираме дека тој треба да нè третира со студена дистанца. Живееме во чудни времиња во кои сме натерани да се однесуваме како да сме слободни, па така неискажливото не е наша слобода, туку станува самиот факт на нашата ропска позиција.

Елиф Шафак

Секој писател, новинар или поет во Турција знае дека зборовите можат да ти донесат беа. Поради роман, текст, песна или твит може да те судат, дури и да те затвора. Кога пишуваме ова сознание ни виси над глава. Како резултат, има доста самоцензура. Но тоа е тешко да се признае, бидејќи е срамно и нехеројско.

Кога пишувам не-фикција, особено колумни за весници и списанија. се обидувам да бидам повнимателна. Но кога пишувам белетристика работите се поинакви. Длабоко во романот приказната си расте сама од себе. Ниту сум господар ниту куклар кој ги контролира ликовите одозгора. Јас сум внатре во текот, не над него. Сè што треба да направам е да продолжам да пишувам. Откако ќе ја завршам книгата и ќе му ја предадам на уредникот, почнувам да се секирам. Што ќе кажат луѓето? Но до тогаш приказната е веќе родена. Жива е, дише.

Како писатели од земји каде демократијата е се уште недостижен сон, немаме луксуз да бидеме аполитични. Треба да поставуваме прашања. Треба да им дадеме глас на тишините и на оние кои се замолчени. Оттаму јас и се, и не се цензурирам себеси. Во мојот секојдневен живот јас сум вознемирена, уплашена душа. Но приказните ги менуваат раскажувачите. Кога пишувам фикција, јас сум помудра и посмирена и знам дека уметноста на раскажувањето е посилна од моите стравови.

Ник Кејв

Убавата работа во врска со неискажливото е што тоа останува некажано. Веднаш штом нештото ќе се изговори, тоа е искажливо, и ја губи неговата мистерија и двосмисленост. Уметноста постои за да го искажеш она што не може да се каже, без всушност да го изговориш. Ние го замаглуваме во тајност и мистериозност. Умот е слободен да патува и сите работи можат да бидат замислени, под плаштот на темнината. Колку е тоа убаво. Неискажливото. Колку сме уморни некој да ни ги објаснува работите. Уморни од тоа работите да се кажуваат. Колку е убаво кога луѓето едноставно е*ено ќе замолчат.

2 јуни 2015 - 09:57