„Добредојдовте во Кауита“ - вака пее Волтер Фергусон во „Кауита е убаво место“, лирска песна придружена од гитара, која звучи како да ја изведуваат повеќе музичари. И која веројатно никогаш не би ja слушнале да не е започнат проект за лоцирање стотина уникатни касети кои Фергусон ги снимал дома за пријатели и туристи.
Во пресрет на 100-тиот роденден на Фергусон во мај, неговиот син Пек (десето од 11-те деца на стариот) и швајцарскиот фан на стилот калипсо Нилс Верденберг, посветиле две години на проект наречен „Лов на касети на Волтер Гавит Фергусон“. Нивната цел е да ги лоцираат овие загубени бисери, и да ги дигитализираат песните кои во 2018 владата на Коста Рика ги прогласила за дел од културното наследство на земјата.
Основан од јамајкански рибари и земјоделци кои мигрирале преку пристаништето Лимон во средината на 19 век, Кауита, со националниот парк во негов состав покрај океанот, има прераснато во место кое туристички се сметало за добро чувана тајна. Една од причините според многумина што овој регион долго време не бил во фокусот на вниманието и покрај своите природни и други богатства е расизмот, кој значел и тоа дека Афро-Костариканците не биле добредојдени во главниот град. Така, оваа нивна изолација довела до специфични културни форми.
Фергусон бил роден во Панама, но неговото семејство се преселило во Кауита кога тој бил бебе. Ја компонирал првата калипсо песна во 1939, кога имал 20 години, откако научил да свири кларинет и гитара во тек на неговата работа во продавница во градот. Ја прошетал земјата како член на бенд наречен Лос Мизераблес во 60-тите, но во 70-тите неговиот интерес се свртел кон верата и земјоделието, а компонирањето и свирењето му станале хоби.
Денес тој веќе не свири, но се уште е во форма, и пишува песни за сето она што се случува секојдневно низ светот. Сепак, најголем број песни се за историјата на неговиот народ. Оттаму, тие се од интерес и на проучувачите на културите во регионот. Една од нив е антропологот Пола Палмер која дваесет години живеела во близина на Фергусон кој и подарувал касети. Во 1979 таа стапила во контакт со американскиот музиколог Мајкл Вилијамс, кој со опремата дошол од Ел Пасо, Тексас. Била снимена една сесија, и тоа е единствениот прилог од Коста Рика на големата збирка народна музика Смитсонијан Фолквејс.
Но иако нема многу формално архивирани снимки, бројот на касети кои Фергусон сам ги правел и никогаш не чувал копии за себе се претпоставува дека е голем. Овие звучни разгледници биле најсаканите сувенири на туристите.
Во склоп на прославата на роденденот, собрани се и уметници од 16 латино-американски земји, кои развиле аранжмани за сочуваните композиции за цел бенд, со нивни интерпретации и понекогаш со превод на стиховите. А што се однесува до потрагата, се претпоставува дека станува збор за уште 200 песни. Откако е почната, таа до сега довела до откривање на 25 оригинални касети и 60 песни нанив. На некои од нив се слушаат позадински звуци од кокошки, кучиња и детски извици, но гласот на Фергусон и неговата гитара се секогаш во прв план. Од нив е издаден прв „том“ а вториот ќе биде објавен овој месец. Физичките копии од нив се продаваат како алва. Калипсо, преку стогодишниот Фергусон, доживува препород и се шири како никогаш до сега.