Почнало како Тамблер блог на извесна 16-годишна Емили Трунко, на кој таа повикала луѓе да постираат пораки кои биле последните кои ги добиле од блиските. Тишината што следи по нив, и што ги прави „последни“, понекогаш значи прекин на пријателство, раскинување или вечна „одјава“ на испраќачот.
Кога стана познат, при крајот на 2015, блогот имаше повеќе од 40,000 следачи и околу четири илјади постови со вакви пораки. Денес го следат 85,000 луѓе. „Може да ми испратиш слики од погребот на баба?“, гласи една од нив, кратко време пред испраќачот и самиот ненадејно да почине. „Не можам да бидам виден со некој кој изгледа како тебе. Без навреда“, гласи другa.
Трунко не се опишува себеси како некаква даркерка што ужива во ваквиот тип „литература“, туку просто како чувствителна девојка, која со претходниот блог „Драг, празно место“ на кој луѓето постирале писма кои никогаш не ги испратиле сфатила дека ваквите виртуелни простори се оддишка за луѓето кои немаат кому или каде да си ги искажат чувствата.
Вчера (10 јануари) излезе и книга „Последните добиени пораки“, која содржи стотина СМС-и, постови на социјални мрежи и мејлови. Поентата на сите нив е што најчесто не знаеме дека одредена порака е последна, ниту онаа што сме ја добиле, ниту онаа што сме ја напишале. Па сепак, свеста за „последноста“ е убаво да се негува - затоа што дава тежина на она што го пишуваме и што може да се цитира како последно во некоја идна збирка. Иако и не звучи лошо последните зборови онлајн да ти бидат - „ХаХаха“.