Анджеј Вајда, кој почина вчера, 9.10, на 90 годишна возраст, во својата шестдецениска кариера се потпишал на повеќе од 40 филмови. Меѓу нив антологиски ќе останат „Канал“, „Човекот од мермер“ и „Човекот од железо“, инспирирани од црните петна во повоената полска историја. Во 2000 тој од рацете на Џејн Фонда го доби почесниот Оскар за животно дело.
Оваа година како полски кандидат за Оскар за филм од неанглиско говорно подрачје е номиниран и неговиот последен филм „Проблесоци“ (Powidoki), кого Вајда практично го сработил непосредно пред смртта. Но во него нема теми кои би можеле да го преокупираат еден 90 годишник (старост, смрт, болест) - Вајда е доследен на неговите претходни опсесии, и филмот го посветува на авангардниот уметник Владислав Стржимински, низ неговата приказна повторно обидувајќи се да расветли дел од полската историја.
Една од најзначајните фигури на полскиот конструктивизам од 1920-тите, тој го основал Унизмот, уметнички експеримент кој се обидува да ги спои четири уметности (архитектура, скулптура, типографија и сликарство) во едно, истовремено концентрирајќи се на формата. Но вон уметноста во која бил почитуван и како колега и како професор на Школата за визуелни уметности во Лоѓ,тој постојано се судира со плиткоумноста и тоталитарноста на доцниот сталинизам, кој му забранува да се занимава со апстракции, и од него бара соц-реалистичка пропаганда.
Останат без рака и без нога од служењето војска за време на Втората светска војна, тој наскоро останува и без работното место на факултетот кој го има со-основано. Неговите дела (како футуристичката „Нео-пластична соба“ во Уметничкиот музеј во Лоѓ) се најпрвин забранети, а потоа најверојатно и уништени. Конечно бирократијата му ја одзема можноста да преживее како сликар - умира во беда, под притисокот на истата онаа власт која претходно го славеше.
Американската критика по премиерата на филмот на фестивалот во Торонто во септември немаше баш пофални зборови, нарекувајќи го монотон. Но сега, кога Вајда веќе го нема, тој веројатно ќе биде согледуван во контекст на неговото севкупно дело, кое ја промовираше слободата како врвна човечка вредност.