Во музејот Вермилион Херитиџ во Алберта, Канада, меѓу другите нешта кои зборуваат за историјата на овој регион, со години се чува голема, црна метална кутија. Вработените знаат само дека е донесена од одамна затворениот хотел Брунсвик, и дека бил дониран на музејот во 1990-тите. Но кодот на сефот и неговата содржина до сега беа мистерија. Односно, до моментот кога еден посетител успеа да го отвори.
Стивен Милс е жител на Форт МекМареј, исто така во Алберта, а минатиот викенд го посетил музејот со своето семејство. Кога со водичот поминале крај сефот, тој им го кажал она што им го кажува на сите - дека тој тежи скоро еден тон, дека има бројчаник од сребро, и дека е затворен со генерации. Волонтерите во музејот дури и направиле нешто како натпревар за негово отварање, но бравар им рекол дека заради застојаност целиот механизам може да е заглавен, и дека дури и да го погодат кодот може да не се отвори.
Милс прашал дали може да проба, и откако го притиснал увото до студениот метал почнал да го врти бројчаникот. Со бројки од 0 до 60, тој три пати свртил до 20 во правец на стрелките на часовникот, потоа два пати до 40 во спротивен правец, и повторно еднаш до 60 во правец на часовникот.
Се слушнал клик и сефот се отворил. Вработените се собрале да видат што има внатре и наишле на келнерски бележник со нарачки и сметка, кои датираат од доцните 1970-ти.
Сега вратата е обезбедена со пречка за да не може повторно да се затвори, а Милс по овој настан уплатил на лото. Добил само два долара, но се надева дека славата од овој настан ќе му донесе некое ново и интересно работно место.