Половина век нема револуционерни научни откритија - зошто?

Бројот на публикации кои значајно влијаат врз одредена научна дисциплина е драстично намален во последните педесетина години. Нова студија се обидува да објасни зошто.

Ситуацијата е парадоксална - од една страна бројот на статии објавени во научни списанија во текот на минатите неколку децении е драстично зголемен. Но од друга страна, нивната „револуционерност“ е драстично опадната.

Ова е заклучок од анализа која зела предвид милиони текстови кои покажуваат дека истражувањата спроведени пред 2000-тите со многу поголема веројатност можеле да ја турнат науката напред, таа да почне да се развива во сосема нов правец и да разреши (или барем да почне да разрешува) некои од феномените кои до тогаш биле мистерија. Истото важи и за патентите регистрирани од 1976 до 2010.

„Податоците сугерираат дека нешто се менува“, изјавил Расел Фанк, социолог од Универзитетот Минесота во Минеаполис и ко-автор на анализата, која е објавена вчера, 4 јануари, во престижното списание Нејчр. „Интензитетот на големи откритија е многу понизок од оној во минатото“.

Еден од елементите кои биле земени предвид при оценувањето на „револуционерноста“ на одреден труд било неговото цитирање во оние кои следеле по него. Доколку тоа навистина отворало нови хоризонти и покажувало дека голем дел од претходните истражувања оделе по погрешен пат, тоа значело дека целата листа на референци би била променета, и авторите на новите текстови би ја цитирале само револуционерната студија, но не и претходните. Така, користејќи податоци за цитати од 45 милиони ракописи и 3.9 милиони патенти, истражувачите го пресметале индексот на „револуционерност“. Притоа, просечниот се намалил за повеќе од 90% помеѓу 1945 и 2010 за истражувачките статии, и за повеќе од 78% за патентите. И што е најинтересно, овој тренд важи за буквално сите дисциплини, од општествени науки до медицина. 

Авторите исто така ги анализирале вообичаено употребуваните глаголи и откриле дека истражувањата во 1950-тите главно употребувале зборови кои асоцираат на креација или откритие, како „произведува“ или „детерминира“, додека оние од 2010-тите укажувале на некаков напредок, користејќи термини како „подобрува“ или „зголемува“.

Секако, „револуционерноста“ не е секогаш цел сама по себе - истражувања кои полека но сигурно се надоврзуваат едни на други а не прескокнуваат фази на проверка можат да бидат од огромно значење за решавање на некаков проблем. Потребна е здрава мешавина на вакви и револуционерни истражувања, односно и доволно навидум луди идеи, но и доволно трпение за реплицирање на оние старите за да се види дали и тие држат вода. 

Важно е да се разберат причините за денешната ситуација. Трендот најверојатно е резултат на промените во начинот на кој се вршат научните истражувања. Денес има многу повеќе научници отколку во 1940-тите што има создадено покомпетитивна средина која подразбира што повеќе и побрзо публикување на резултатите и регистрирање патенти. Исто така, научниците почесто работат во тимови, а како што покажува горната анализа, големите тимови почесто произведуваат наука која укажува на некаков мал напредок, но не и таква која менува цел дискурс. 

извор

5 јануари 2023 - 10:44