Марсел Мос, „таткото“ на француската етнологија, ги проучувал правилата за давање подароци во Полинезија и заклучил дека ваквите размени имаат најмалку две функции - тие го поставуваат дародавачот и примачот во потенцијално бесконечен циклус на обврзаност, и ги дефинираат нивните позиции во социјалната хиерархија. Да им се дава нешто на луѓето, сметал Мос, не е само израз на човечка солидарност, туку и на суптилно наметнување моќ.
Но вакви размени се случуваат и помеѓу држави. Oвогодинешното божикно дрво на плоштадот Трафалгар во Лондон е подарок од Осло, дадено како благодарност за британската помош кон Норвешка во текот на Втората светска војна, како и обезбедувањето прибежиште за нивниот крал и влада во егзил. Иако даден со добра намера, подарокот во Британија беше пречекан со негодување кога пристигна реалното дрво, кое критичарите го нарекоа „ретко“ и „изедено од вошки“. Барањето за испраќање на второ дрво е одбиено од Норвешка, која тврди дека на првото ништо не му фалело.
Но историјата е полна со приказни за подароци кои се покажале како опасни (Тројанскиот коњ) или несакани, скапи и тешки за одржување. Една од нив се однесува на „белиот слон“. Таа вели дека кралот на Сијам го користел дарувањето бел (албино) слон како форма на казна. Премногу скапоцено и свето за да може да работи, ваквото суштество не правело ништо друго освен што ги трошело ресурсите на својот господар и вршел нужда низ неговиот двор. Сепак, ова е само метафора, а вистината најверојатно е дека белите слонови биле толку скапи што за нив во југоисточна Азија се воделе дури и војни. Ралф Фич, англиски трговец кој го посетил кралството Пегу (јужна Бурма) во 1586, бил сведок на тоа како му ги мијат нозете на едно од четирите албино животни во сребрен леген, а владетелот бил подготвен да се тепа со кој и да е крал кој поседува такво животно а не сака да го предаде.
Иако најчесто е разочарувачки однапред да се знае што ќе биде подарокот, кога Абрахам Линколн добил телеграма на 22 декември 1864 во која стоело што му „купил“ за Божик генералот Вилијам Т. Шерман, претседателот бил задоволен. Колку и да се трудел, генералот не можел да му завитка пристаниште и да му го стави под елка. „Како божикен подарок ви го нудам градот Савана со 150 тешки орадија и големо количество муниција, како и 25.000 бали памук“. „Мој драг генерале Шерман“, одговорил искулираниот Линколн“. „Многу, многу ви благодарам за подарокот“.
Кога американскиот државен секретар Џон Кери ги почнал преговорите за Сирија во јануари 2014, тој од картонска кутија пред рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров извадил огромни компири од Ајдахо. Иако збунет, Лавров ги прифатил. На следниот состанок тој одговорил со вреќа руски компири. Можеби сето ова било смислено за да се испочитува строгото ограничување на 390 долари кое важи за подароци за американските федерални службеници. Кери, оттаму, можел да си ги земе дома компирите. Сè што е над оваа сума се носи во Националната архива, каде се складирани килим од Азербејџан со фото-реалистична слика на Клинтонови, полнет леопард од Танзанија и документи за осигурување кои би ѝ донеле 36000 долари на Мишел Обама доколку нејзиниот сопруг бил нападнат од - крокодил.
Мао Цетунг открил дека жив подарок сепак е подобар од некаков ќилим. Практиката дури добила и име - „панда дипломатија“ - преку која помеѓу 1957 и 1983 Кина дистрибуирала 24 преслатки панди на девет омилени земји (во 1984 Денг Ксјаопинг ја променил политиката од подарок во позајмица). Првиот пар, Хсинг-Хсинг и Линг-Линг го цементирале триумфот на посетата на Никсон на Пекинг од 1972.
извор